Во Делчевско одбележан Митровден

Централната прослава е во храмот на новоподигнатата црква посветена на Св. Димитриј во делчевското село Габрово, со голем црковно-народен собор.
Чествувањето почна со празнична богослужба и литургија што ја чиноначалствуваше отец Димитрија Темелковски, свешетенослужител во Делчевското архиерејско намесништво на Брегалничката епархија на МПЦ - ОА.
Во културно-забавниот дел настапи реномираната фолклорна група од село Драмче, под раководство на Димитар Узунски, годинашен добитник на Државната награда 23 октомври.
Гости ги посетуваат домовите на габровчани што го носат името Димитар, Диме, Димче, Мите, Митко, Димитрина, Митра и други галовни форми и со благослови и убави желби им го честитаат празникот, а домаќините ги почестуваат со ракија и домашни специјалитети.
Црковниот одбор од Габрово за сите посетители на Митровденската прослава организира заедничка трпеза на љубовта, а главно јадење на празничното мени е јагнешка јанија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа