ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски е градоначалник на рушењето
ВМРО-ДПМНЕ смета дека градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски свесно и на перфиден начин се обидува да си ги протне и донесе одлуките штетни за граѓаните Центар. Од владејачката партија велат дека Жерновски сака да ја изманипулира јавноста со тврдење дека црквата нема да се руши бидејќи не се предвидува стопирање на изградбата на објекти кои се во рана фаза на изградба.
- Ова претставува безобзирна и дрска манипулација. Термин, објекти кои се во рана фаза на изградба не постои во законската регулатива на Република Македонија. Се работи за незаконска категорија, која Жерновски си ја измислува само за да се амнестира себеси од одговорноста за тоа што стопира изградба на црква. Одлуката за укинување на измените на ДУП-от, кои се предложени бараат враќање на стариот ДУП, во кој не е предвидена изградба на црква, што значи дека во тој случај сега изградената црква ќе стане дивоградба која мора да се руши, заради тоа што ќе ја нема повеќе во деталниот урбанистички план, истакна на денешната прес-конференција Даниела Рангелова, советник во Општина Центар.
Жерновски, додаде таа, треба да понесе одговорност што ја замајува јавноста и што си поигрува со најдлабоките религиозни чувства и заради тоа што испровоцира илјадници граѓани да кажат што мислат за неговата одлука. Жерновски, рече, стана градоначалник на рушењето, а не на градењето.
- Го слушаме вчера и денес како се обидува вината за своето неуспешно работење да ја префрли на сите други. Кога се кандидираше за градоначалник тој ветуваше дека знае како да ја води општината Центар и како да гради проекти од интерес на граѓаните. Денес по само 2 месеци, гледаме дека ниту знае како да ја води општината, ниту да работи во интерес на граѓаните, истакна Рангелова.