Тркалезна маса за примена на асистивна технологија во образованието

 

„Примена на асистивната технологија во редовно основно и средно образование“ е тема на тркалезната маса што ќе се одржи денеска во Скопје во организација на проектот на УСАИД е-пристапно образование кој го спроведува здружението „Отворете ги прозорците“.

На тркалезната маса ќе бидат презентирани искуства и практики од примената на асистивната технологија во осум основни и едно средно училиште во Скопје. Дискусијата ќе овозможи размена на информации и искуства меѓу партнерските училишта за примената на асистивната технологија во наставата. Едновремено, стручната и општата јавност ќе добијат информации  за напредокот на учениците со попреченост кои користат адаптиран хардвер и софтвер за пристап до компјутерот и интернетот.

На тркалезната маса се поканети и претставници на локалните образовни институции, родители на ученици со попреченост и граѓански организации. 

Проектот на УСАИД за е-пристапно образование има за цел да го подобри квалитетот на образованието за учениците со посебни потреби во редовните основни и средни училишта преку промовирање на асистивна технологија во образованието.

05.11.2014 - 09:15

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега