„Розов“ марш на плоштад Македонија - кампања за борба против рак на дојка

 

 

На плоштад „Македонија“ вечер од 18 часот ќе се одржува петтата кампања за борба против рак на дојка „Напред розово“, што ја организира здружението „Борка – За секој нов ден“, во соработка со здружението „Интегритет Алфа и Омега“ и Амбасадата на САД во Македонија.

Централниот настан од годинашната кампања, насловена „Напред розово 2013 - чекори против ракот на дојка“, ќе опфати прошетка низ центарот на Скопје со повеќе од 1.500 учесници, по која ќе следува музички хепенинг со настап на жени диџеи.

- Пешачејќи три километри ќе испратат порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка, соопшти „Борка“.

На настанот ќе присуствуваат и министерот за здравство Никола Тодоров и американскиот амбасадор Пол Волерс.

Како и во минатите години преку продажба на розови производи (маици, алки и други предмети) ќе се собираат средства за реализација на годишните активности на здружението „Борка“ - обезбедување  психосоцијална помош и поддршка за болните од рак и нивните семејства, перики за жените со низок социјален статус кои примаат хемотерапија, посета на Kлиниката за онкологија и торакална хирургија од волонтери на Здружението, одржување на бесплатната СОС-линија за помош и поддршка.