Стотина компании во Лондон слушнаа за бизнис можностите на Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и членовите на владината делегација во чиј состав се заменик претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции Горан Мицковски и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, во текот на вчерашниот ден присуствуваа во Лондон и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.

Премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните изјави дека македонската Влада е пријателски ориентирана спрема инвеститорите и бизнисот.

-Работиме со инвеститорите за да ги слушнеме нивните барања, нивните проблеми и прашања кои им се важни и земајќи ги во предвид најдобрите искуства од странство направивме многу промени, не само во легислативата, туку и во нејзината примена, спроведуваме реформи и на тој начин правиме напредок, изјави премиерот Груевски.

-Mинатата година ја завршивме со околу 3% раст што беше трет најголем раст во Европа, оваа година во првите 6 месеци имаме раст на БДП од 3,9%, во првиот квартал беше околу 3,5%, а во вториот 4,3% со што просекот е 3,9% што е најголем раст во Европа за овие 6 месеци. Извозот на производи од Македонија од почетокот на годината бележи раст од 18,5 проценти. Така што овие макроекономски податоци одат во добра насока, истакна Груевски.

Вицепремиерот Зоран Ставрески посочи дека бизнис форумот во Лондон се карактеризира со одлична посетеност на компаниите и има присутни компании кои што се базирани и работат во Англија, но и глобални компании од повеќе различни сектори, од производствениот, услужниот и финансискиот сектор, компании од информатичката дејност. 

-Задоволство е што тука се присутни и компании кои веќе инвестирале во Република Македонија и кои што најдобро зборуваат за своето искуство од инвестирањето во државата што е добра препорака за оние што размислуваат понатаму да инвестираат во нашата земја. Може да се истакнат извонредните услови што ги имаме како во делот на даночните поволности, така и во поглед на растот  и перспективите на македонската економија, квалификуваната работна сила и се она што Македонија ја прави исклучително атрактивен модел за инвестирање за англиските инвеститори. Очекувам врз основа на големиот интерес кој што денес беше покажан и разговорите кој ги имаме со компаниите и поединечните инвеститори еден дел ќе дојдат во Македонија, а еден дел ќе се решат и да инвестираат, истакна вицепремиерот Ставрески.

Министерот Горан Мицковски во своето обраќање се задржа подетално на реформите и поволностите кои се нудат во даночната и финансиската сфера, како и добрата бизнис клима која веќе постои и можноста за интензивна соработка и комуникација на потенцијалните инвеститори со владините институции.

Директорот на компанијата Томас Милер Инвестмент, Аби Олтаџмент изјави дека на форумот имал можност да дознае многу информации во врска со инвестициската клима во Република Македонија.

-Се гледа посветеноста на владините претставници во привлекување на странски инвеститори. Политиките за инвестирање за кои разговараше Премиерот за земја како Македонија се извонредни и одлични. И од она што го слушнав се гледа дека постои добра клима за инвестирање, изјави  Олтаџмент.

Директорот Клас Смит Солбејкер кој ја предводи компанијата Арбан Груп која доаѓа од финансискиот и консалтинг сектор изјави дека Македонија може да понуди многу интересни можности за инвестирање, особено во сферата на банкарството, инвестициските фондови или отворање на оперативни претставништва во Македонија користејќи ги предностите во даночната и останатите сфери. Тој посочи дека македонската Влада овозможува за инвеститорите  многу интересни поволности, но не само тоа туку и добра инфраструктура, што е одлично за отпочнување на бизнис.

15.10.2014 - 12:24


 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега