Укажување лекарска помош по голем пожар - продолжува вежбата „Здружен отпор 13“

 

Со симулиран пожар, спасување на повредените од опожарената зграда, гаснење на пожарот и укажување на прва помош, беше одбележан денешниот Ден на високи гости во Центарот за обука „Пепелиште“, со што се реализираше и финалниот ден од меѓународната вежба „Здружен отпор 13“.

Како што соопшти Mинистерството за одбрана, во рамки на посетата на вежбата, министерот за одбрана на Република Македонија Талат Џафери се осврнал на деталните активности кои беа дел од Денот за високи гости, по што заклучил дека сите учесници прикажале висок степен на координација на активностите за спроведување на потребните мерки.

Во тој контекст, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Горанчо Котески посочил дека целта на вежбата е да се прикаже координираноста помеѓу АРМ и останатите засегнати институции при вонредни прилики.

- Полската болница е значаен дел од АРМ и таа е наменета за хируршки операции во полски услови, укажал генералот Котески, истовремено информирајќи дека за иницијативата за заеднички медицински сили кои би дејствувале во регионот за одредени потреби е разговарано и оти Министерството и Армијата го поддржуваат концептот. Како елемент за поддршка, посочил генералот Котески, е и фактот дека ќе биде понудено штабот на овие сили да е во Република Македонија.

Пред министерот Џафери, генералот Котески, заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев, заменик-амбасадорот на САД, Брајан Агелер и останатите високи гости, согласно сценариото, во симулиран пожар, биле изведени дел од планираните активности во кој претставниците од цивилните структури и Армијата на Република Македонија,  заедно со учесниците од Армиите на САД, Албанија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и со Безбедносните сили на Косово ги спасуваа повредените од опожарена зграда.

По гаснењето на пожарот и укажаната прва помош, лицата биле транспортирани во Лесната маневарска болница ниво 2, каде им била укажана соодветна медицинска помош. Повредените на кои им бил неопходен итен здравствен третман од повисоко ниво, по стабилизирањето во болницата, биле транспортирани по воздушен пат (ЦАСЕВАЦ).

Во рамките на програмата на Денот за високи гости се реализирала и обиколка на болницата, со што присутните имале можност да запознаат со нејзината намена и значење.

Теренската вежба „Здружен отпор 13“, во реализација на Бригадата за логистичка поддршка и Военомедицинскиот центар се изведува во периодот од 27 мај до 7 јуни во центарот за обука „Пепелиште“, армискиот полигон „Криволак“ и селото Мушанци. Таа е базирана на сценарио за операции за справување со природни катастрофи и давање хуманитарна помош. Во текот на вежбата акцент беше ставен на демонстрацијата на интероперабилноста помеѓу Армијата, цивилните агенции и земјите од регионот. Воедно, за време на вежбата се одвиваше и Самооценување ниво 1 на полската болница Ниво – 2, со цел исполнување на партнерската цел 4244. 

ФОТО: МИА

најчитано сега