Димовски: Ова е историска победа за ВМРО-ДПМНЕ - честитики за победата на СДСМ во Центар

„Денешните изборни активности се зад нас. Денес се гласаше во четири општини во Република Македонија: Ѓорче Петров, Центар, Долнени и Струга.

Би сакал да ја информирам македонската јавност дека во две од четирите општини победија кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, во една кандидатот на СДСМ и во една општина кандидатот на ДПА. Имено, господинот Сокол Митровски и после денешното гласање повторно е избран за градоначалник на Општина Ѓорче Петров и тоа со поголема разлика. Во Општина Долнени, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Боше Милошевски од денес е нов избран градоначалник. Тој го победи својот противкандидат од ДУИ, кој до сега беше градоначалник на Општина Долнени, со значителна предност. Значи во оваа општина градоначалникот до сега беше од ДУИ, а од денес е од ВМРО-ДПМНЕ. Би сакал да им честитам за победата на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во овие две општини. Но би сакал да ја честитам и победата на кандидатите на СДСМ и ДПА во општините Центар и Струга. На сите нив им посакуваме плодна работа во која основна грижа ќе им биде интересот и потребите на граѓаните на општините каде тие станаа градоначалници.

Со победата во овие две општини, би сакале да сумираме дека конечниот број на општини во кои победија кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За Подобра Македонија е точно 58, наспроти само 4 колку што освои СДСМ. Ова е историска победа за ВМРО-ДПМНЕ.

Разликата во гласови на листите за советници помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е околу 115 000 гласови, а разликата во гласови на листите за градоначалници помеѓу нас и СДСМ е повеќе од 140 000 гласови. Тоа јасно говори за подршката и довербата која граѓаните несомнено ја дадоа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За Подобра Македонија. Тоа за нас е сериозна порака дека мораме да продолжиме со макотрпна и деноноќна работа и со создавање на конкретни дела кои ќе помагаат на граѓаните во нивното секојдневно живеење. Тоа е нашата обврска.

Благодариме на сите граѓани кои не подржаа. Благодариме и на сите граѓани и институции кои учествуваа во овие демократски избори. Македонија покажа дека е држава со целосен демократски капацитет.

ВМРО-ДПМНЕ победи во 58 општини, наспроти 4 на СДСМ. Ваква убедлива победа на една политичка партија во последните 23 години никогаш не се случила. Ние сме благодарни на граѓаните, но повторуваме дека знаеме што значи оваа победа.“

(Интегрален текст од прес конференција на Илиа Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ )