Американски грант од 97.000 долари за заштита на Златковата кула во Кратово
Со грант од 97.700 долари од Амбасадорскиот фонд за културна заштита на САД ентериерно ќе се уреди Златковата кула, значаен споменик на културата во општина Кратово.
Договорот за грантот денеска во Кратово го потпишаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и американскиот амбасадор Пол Волерс. Проектот, во чија реализација покрај Министерството за култура учествува и Музејот на Кратово, предвидува отворање сувенирница, културно-информативен центар, како и спомен-соба на македонскиот православен светител Св. Ѓорѓи Кратовски во објектот на кулата.
Заблагодарувајќи се за американската помош и поддршка за македонското културно наследство, министерката Канческа-Милевска истакна дека ова е исклучително значаен проект кој е во функција на ревитализација на нашето богато културно наследство и на неговата промоција. Таа подвлече дека е особено задоволна од фактот што ентериерното уредување следува веднаш по извршената конзервација на архитектурата на кулата која е реализирана во рамки на проектот поддржан од Министерството за култура.
- Верувам дека со реализацијата на грантот за Златковата кула градот Кратово ќе добие дополнителни содржини кои ќе бидат туристичка атракција, и за домашните посетители и за гостите од странство, рече Канческа-Милевска.
Таа потсети и на други проекти на Министерството реализирани во Кратово, како што се ревитализација на Симиќевата кула, реконструкција на Саат-кулата, заштитата на архитектурата и фрескописот на црквата „Св. Јован Крстител“, обновата и конзервацијата на фасади на пет дуќани во споменичната целина Ајдучка чаршија, како и санациите на Радин Мост, Горноамамски и Аргуличин Мост. Подвлече и дека Законот за прогласување на старото градско јадро на Кратово за културно наследство од особено значење, кој неодамна беше донесен во Собранието, ќе овозможи одржлив развој на културното наследство на овој регион. Таа најави дека наскоро ќе започнат и археолошки истражувања и реставрација на тунелите во Кратово.
Амбасадорот Волерс истакна дека грантот за Златковата кула е 12-тиот проект од Амбасадорскиот фонд за културна заштита во Македонија, преку кој во изминативе 13 години во земјава биле инвестирани повеќе од еден милион долари.
- Кратово има богата историја, факт што им станува јасен на сите кои чекорат по историските улици и античките мостови на градот. Кулите се важен дел од таа историја. Среќни сме што можеме да ја реставрираме оваа кула и да ја вратиме нејзината оригинална убавина и сила така што и граѓаните на Македонија и странските посетители ќе можат да се вратат назад во времето и да ја почувствуваат историјата од прва рака, рече Волерс.
Со Амбасадорскиот фонд на САД за културна заштита во Македонија досега се реализирани проекти за заштита на историски локалитети, како археолошкиот локалитет Стоби, Кокино, црквите Св. Спас и Богородица Перивлепта и Шарената џамија.
Амбасадорскиот фонд е формиран од Конгресот на САД во 2001 година и има цел поддршка на проекти за заштита на културата во земјите во развој преку грантови. Досега се поддржани над 700 проекти за реставрација на културни локалитети во повеќе од 120 земји.
Златковата кула се смета за значајно сведоштво за средновековниот живот на Кратово, изградена во 1365 година, а името го добила по нејзиниот последен сопственик Ѓорѓи Златков. Висока е околу 6,35 метри и има три ката. Златковата кула е една од шесте кули кои се зачувани од вкупно 12 кули коишто биле изградени во Кратово од 14 до 19 век.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа