Папата: Албанија е земја на херои и маченици

Поглаварот на Римокатоличката црква папата Франциско на Плоштадот Мајка Тереза во центарот на Тирана, околу 11 часот почна да служи света миса, пред повеќе стотици илјади граѓани, со помош на двајца кардинали, 18 бискупи, 240 свештеници, 10 богослови и четворица ѓакони.

Претходно, папата Франциско кој утрово допатува во еднодневна посета на Албанија, со најголеми почести беше пречекан во Претседателството на земјата од страна на претседателот Бујар Нишани. Папата го поздрави и Гардата на Република Албанија и интонирани се химните на двете земји.

Во говорот, одржан во Претседателството, папата ја нарече Албанија земја на херои и маченици, кои го положиле животот за независноста на земјата и кои ја посведочиле својата вера во најтешкиот период на прогонот.

Тој истакна дека верската слобода е основен услов за економски-социјален развој на земјата и оти луѓето треба да ги почитуваат разликите и да се почитуваат едни со други. Папата оцени дека соживотот меѓу верските заедници во Албанија има непроценлива вредност за мирот.

- Тоа е вредност која треба да се сочува и да се развива секојдневно. Сакам Албанија да продолжи по тој пат и да биде пример за многу други земји, порача папата Франциско.

Тој истакна дека нов предизвик е глобализацијата на економијата и културата и оти мораат да се направат напори за развојот да не биде само за еден дел од населението, туку за добробит на сите.

Нишани, од своја страна, истакна дека посетата на папата на Албанија претставува историски настан за земјата, нацијата и за сите Албанци каде и да се наоѓаат.

Нишани му се заблагодари на папата што ја избрал токму Албанија да ја посети, како прва европска земја каде не живее претежно католичко население. Според него најзначајната карактеристика која ја краси Албанија се верската хармонија и гостопримството. 

- Меѓу нас нема дискриминација и интолеранција, туку целосна почит меѓу верските заедници, рече Нишани.

По излегувањето од претседателската резиденција папата замина со неговиот отворен автомобил и големото обезбедување кон плоштадот „Мајка Тереза“ при што беше поздравен од илјадници граѓани кои беа на улиците.

При пристигнувањето на плоштадот „Мајка Тереза“, каде сега е во тек свечената миса, градоначалникот на Тирана Љуљзим Баша му го предаде клучот на албанската метропола.

Меѓу повеќето стотици илјади граѓани кои се на  плоштадот има и граѓани од Македонија и од Косово.

Настанот го следат 1.200 странски новинари, како и новинарски екипи од сите медиуми во Албанија, меѓу нив, акредитација да ја следи посетата на папата доби и уредникот на весникот на Македонците „Илинден “ Никола Ѓурѓај

21.09.2014 - 12:26


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега