Средба Груевски- Давутоглу: Целосна поддршка за Македонија

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска во Анкара оствари средба со претседателот на Владата на Република Турција, Ахмет Давутоглу.

Соговорниците ги поздравија одличните политички односи помеѓу двете земји на билатерално и мултилатерално ниво, и изразија задоволство од постојаниот и нагорен тренд на развој на истите кој се карактеризира и со редовни средби на највисоко ниво.

- „Република Турција е наш долгогодишен пријател и стратешки партнер, а оваа средба претставува уште еден показател за одличните билатерални односи меѓу Република Македонија и Република Турција, кои се одликуваат со висок степен на пријателство и разбирање, интензивна соработка на сите нивоа, отворен дијалог и волја за натамошна реализација на проекти од заеднички интерес на сите полиња“, изјави премиерот Груевски.

Македонскиот и турскиот премиер се согласија дека европската и евроатланската интеграција на Југоисточна Европа е заедничка визија на двете земји и на двете влади како најдобар гарант за стабилноста на регионот, за меѓусебната соработка на земјите и за обезбедување на услови за што поголем економски раст и развој.

-Република Македонија особено го цени фактот што Република Турција, од осамостојувањето до денес, останува конзистентна во почитувањето на националните и државни интереси на Република Македонија во билатералната и мултилатералната комуникација и што безрезервно ја поддржува нашата земја во европските и евроатланските аспирации, кои остануваат наша примарна цел, истакна премиерот Груевски.

 Премиерот на Република Турција, Ахмет Давутоглу истакна дека ова за него лично е важна посета бидејќи таа е прва официјална посета на премиер од друга држава откако беше именуван за премиер за Република Турција.

„Со Македонија имаме добри и пријателски односи. Имаме и историски врски. Тие добри конекции се одразуваат и врз економијата и политиката”, изјави Давутоглу. Тој посочи дека политичките односи се на добро ниво. Досега сме немале проблеми ниту пак значајни отворени прашања. На меѓународен план се поддржуваме и Турција лобира за Македонија, изјави Давутоглу.

18.09.2014 - 09:40


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега