Со „Полско цвеќе“ на Тоше Проески ја зема првата награда на „Пирин фолк“ во Бугарија

 

Дваесет и второто издание на добропрочуениот фестивал за народна музика „Пирин фолк“, кој се одржува секоја година во град Сандански, Бугарија и оваа година успешно докажа дека нашите Македонци активно учествуваат на него.

Годинава, еден од почесните гости беше проф. Д-р Илчо Јованов, професор и декан на музичкиот универзитет во Штип, исто така директор на фестивалот „Цветници“ и раководител на народниот оркестар „Фолк-фест Валандово“. На авторската вечер, посветена токму на почесните гости, проф. Д-р. Јованов со огромна насмевка ја „растегнуваше“ својата хармоника правејќи „џем-сешн“ заедно со својот колега Александар Ковачевич од Србија. Двајцата направија прекрасни импровизации на симбиозата на народна музика и валцер. Необично, интересно, искрено...

Јованов сподели дека е премногу задоволен од организацијата на фестивалот и непоткупеното жири на чело со претседателот проф. Стефан Драгостинов од Нов Бугарски Универзитет. Еден од членовите на жирито беше и директорот на фестивалот „Еврофест“, Костадин Костадиновски. Тој е еден од двигателите на успешната организација во самата основа на „Пирин фолк“, што го прави несомнено горд и задоволен од постигнувањата на фестивалот од почетокот, па се до своето 22-ро издание. Неговите впечатоци од фестивалот се реални. Воодушевен е од изведбата на 17. годишната Кристина Иванова, која зема прва награда со песната „Полско цвеќе“ на Тоше Проески.

-Тоа што Пирин-фолк стана балкански фестивал е за поздравување. Тој благороден чин ги зближува народите од балканите, ја збогатува програмата и ги потенцира сличноста и разликата во фолклорниот израз на Македонците, Бугарите и Србите... А  политиката не треба да се меша во културата, особено не во музиката. Политиката нека биде на политичарите, а музиката на музичарите и сите нејзини консументи, изјави Костадиновски.

Во категоријата за најдобра авторска песна, првата награда отиде во рацете на Маргарита Хранова, која се претстави со песната „Молитва за нас“. На второ место застана Велизар Илиев со песната  „Срешту сдбата“ и на трето место Деси Добрева пеејќи  „Ѕвездена нестинарка“. Во втората класација, втората вечер од фестивалот (7ми септември), имаше две категории. Во првата категорија за најдобар изведувач наградите отидоа во рацете на: Кристина Иванова (прво место), втората награда ја зема шармантниот Македонец Џоко Јович кој пееше „Туѓина пуста далечина“ и третата награда отиде кај Светлин Миланов – „Като Богородица“.

Во класацијата за изведувачи во група најмногу бодови доби триото „Евридика“ од НБУ, прекрасни и сончеви девојчиња кои пееја „Цфнало цвеќе шарено“, второ место освои квартетот „Хит Мелоди“ кои ја претставија песната „Запил ми се Стојан у меана“ и на трето место дуото „Назар и Нино“ од Грузија со песната „Харало“.

Фестивалот се емитува преку сателитска или кабелна телевизија и може да биде гледан, како во Македонија, така и во соседните држави. За таа цел имаше водители кои говореа на бугарски, македонски и на српски јазик. Ако оваа година пропуштивте, не заборавајте да бидете дел од незаборавното патешествие на „Пирин фолк“ следната година.

15.09.2014 - 13:30


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега