Поради поројните дождови во делови на Хрватска и БиХ прогласена вонредна состојба

Во Хрватска, БиХ и Словенија поради обилните дождови расте водостојот на повеќе реки, а поради опасноста од поплави во некои делови е прогласена и вонредна состојба, јави Танјуг.

Во централниот дел на Хрватска, во Карловац, денеска е прогласена вонредна состојба поради високиот водостој на реките Корана и Купа, како и во Цазин во Унско-санскиот кантон на БиХ, каде расте водостојот на Уна и Сана.

Во Цазин вчера е прогласена вонредна состојба и локалните жители велат дека досега не паметат вакви поплави.

Поројни дождови донесоа поплави и на подрачјето на Бихаќ, а водите им предизвикаа големи проблеми на жителите на населните Трнови, Томина и Нова Населба, на подрачјето на Сански мост, додека посебно загрижува константниот раст на реката Сана, соопштено е од Цивилната заштита на Унско-санскиот кантон.

Водостојот на реките во Словенија почна да расте во централните и источните делови отако синоќа наврнаа 30 до 80 литри на метар квадратен.

13.09.2014 - 13:13


 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега