Собранието изгласа: Додека штрајкуваат професорите - настава ќе има
Собранието на РМ попладнево, на 14-тата седница, ги донесе измените на Законот за основното и на Законот за средното образование, по скратена постапка. Меѓу предложените измени кои најмногу предизвикаа внимание и реакција на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) е одредбата во случај наставниците и професорите да штрајкуваат да бидат заменети со други привремено вработени наставници за да не се прекинува воспитно-образовниот процес.
Во членот 3 се дефинира обврската на директорот во случај на прекин на наставата поради штрајк да обезбеди услови за континуитет на воспитно-образовниот процес. Директорот на училиштето, по претходна согласност од градоначалникот, а за државните училишта од министерот, е должен да обезбеди непрекината воспитно-образовна работа со замена на вработените кои штрајкуваат за време додека трае штрајкот.
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми рече дека оваа одредба не ги опфаќа случаите кога, евентуално, во некое училиште може да има привремен бојкот од разни причини. Рече дека измените се усогласени со Законот за работни односи во поглавјето за штрајк и нагласи дека не треба да постои стравување или дилема дека со овој закон може да се ограничи правото на штрајк.
- Со закон и со Уставот на РМ правото на штрајк се гарантира и ова право не се суспендира во ниеден случај со оваа одредба но, исто така, треба да се нагласи дека воспитно-образовниот процес е општествен јавен интерес, според законите за основно и за средно образование е облигативен и со ова се создава предуслов за континуитет. Синдикалните организации, посебно Синдикатот за образование, наука и спорт за нас остануваат партнери и преку дијалогот можеме да ги решиме сите дилеми и барања од нивна страна, секогаш во функција на подигнување на квалитетот на воспитно образовниот процес, истакна Адеми во Собранието.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ подвлекоа дека наставниците нема да се бркаат од работа и нема да се ограничува времето на штрајкот. Според нив, тие информации ги пласира опозицијата за да ја спинува македонската јавност. Посочија дека образованието, како и здравството, е од јавен интерес, дека наставата има програмски содржини кои се реализираат во точни рокови и дека ако нема настава ќе се комплицира и работниот однос на родителите зашто децата нема да бидат згрижени, посебно тие во целодневна настава.
- Острицата на штрајкот во образованието се двесте до триста илјади ученици и нивните родители со сите проблеми кои ќе настанат, посебно за учениците од помалите одделенија при евентуално неодржување на наставата. Според законите во РМ, и основното и средното образование се задолжителни, тоа значи дека имаат висок јавен општествен интерес и е недозволиво да не е обезбедено образование за младите генерации две недели, месец, два, три месеци. Никој не го оспорува правото на штрајк, тој е дозволен и додека трае на нивното место ќе работат привремено ангажирани луѓе, а кога ќе завршат со штрајкот веднаш ќе се вратат на своите стари работни места, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициските пратенички Солза Грчева и Роза Топузовска-Каровска, се крши уставното право на вработените да го изразат своето незадоволство.
- Не се спинови нешта што доаѓаат од гранковиот синдикат и од самите просветни работници и од целата јавност која слуша дека првпат се забранува штрајк. Ако им ја земете полугата на тие вработени за изразување на нивното нездоволство, јасно е дека сте ги оневозможле да го искористат своето уставно право на штрајк. Не само Уставот, туку и меѓународни конвенции што ги има потпишано РМ, рече Грчева.
Во другите измени е и одредбата од 2016 година учениците во основно и во средно да имаат една лектира заедно со ЦД на изворен англиски јазик и формирање училишни спортски клубови во училиштата кои може да ги основаат најмалку пет вработени.
Четвртата измена во законите за основно и средно е во однос на завршните извештаи од екстерното и од интерното оценување. Целта, според Адеми, е финансиските импликации да не бидат негативни и затоа се изнаоѓа нов модалитет во рангирањето на наставниците.
- Предлагаме доколку бројот на наставниците кои треба да бидат наградени е над 20 проценти, тогаш бројот на наградените да не биде повисок од бројот на наставниците кои имаат поголеми отстапувања во екстерното тестирање. Значи, да имаме еднаков број што ќе бидат истакнати во конечниот извештај - и на наставници со поголемо отстапување и на наставници со помало отстапување. Што се однесува до интерното оценување – износот на средства кој ќе биде одвоен од наставниците кои имаат поголемо отстапување подеднакво ќе биде поделен на сите наставници кои имаат помалку отстапување, рече Адеми пред два дена на прес-конференција
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа