Притворени петмина Македонци за трговија со луѓе

 

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против шест македонски државјани, осомничени дека се сторители на кривично дело „Организирање група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе и криумчарење мигранти“ и „Криумчарење мигранти“.

МВР денеска соопшти дека од страна на Судијата на претходна постапка, на кривично пријавените Џ.С. (23), Е.И.(27), Ќ.Б.(45), Д.Ј. (26) и А.А.(30), им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека првопријавениот Е.С. (33), е се уште недостапен.

Имено, Е.С., Џ.С., Е.И., Ќ.Б., Д.Ј. сите од Скопје и А.А.(30) од Куманово и уште две непознати лица, во организација на првопријавениот, за одреден паричен износ, прифатиле поголема група илегални мигранти, на погодна локација кај „Валандовско Брдо“, од каде и се обиделе да ги транспортираат преку Струмица и Радовиш, до подрачјето на Куманово, со цел нивно понатамошно криумчарење преку Србија кон некоја од земјите на ЕУ.

Според документираните сознанија од истрагата завчера (07.09.), се појаснува во соопштението, пријавените оствариле средба на бензиската пумпа „Макпетрол“, лоцирана на автопатот Скопје - Велес, пред наплатна рампа Петровец. На бензиската лицата се прегрупирале, така што, Е.С.  управувал патничко моторно возило „Ауди А6“ со скопски регистарски ознаки, непознато лице управувало „Ауди А4“ со гостиварски регистарски ознаки, Д.Ј. управувал со „БМВ 520“ со скопски регистарски ознаки (во кое биле и пријавените Џ.С., Ч.Б. и Е.И., а патничкото моторно возило било во сопственост на првопријавениот Е.С.) и второто непознато лице кое управувало со „БМВ 530“ со непознати регистерски ознаки - постар модел и сите заедно се упатиле во правец кон Гевгелија.

На погодна локација на „Валандовско Брдо“, застанале и ги прифатиле илегалните мигранти, при што по налог на Е.С. 30 мигранти (од Сирија, Пакистан и Сомалија) биле распоредени во постариот тип на БМВ, во „Ауди А4“ и во „Фолксваген Голф“ со кумановски регистарски ознаки и веднаш се упатиле во правец кон Струмица. Пред Струмица тие завртеле и продолжиле кон Радовиш.

Согласно претходно изготвен план, на неколку пункта, соопшти МВР, беа поставени полициски службеници заради вршење на контрола на возилата за кои постоеја индиции дека во нив се транспортираа мигрантите. Околу 22 часот завчера на патниот правец од Струмица кон Радовиш, од страна на униформирани полициски службеници од Регионалниот центар „Југ“, направен е обид да бидат сопрени пет патнички возила меѓу кои едно „БМВ“, две возила „Ауди“, еден „Фолксваген Голф“, сите со скопски регистерски ознаки, како и едно возило по кое се уште се трага. Наместо да постапат по полициската наредба и да застанат, лицата кои ги управувале наведените возила се дале во бегство. Од страна на еден полициски службеник биле испукани неколку куршуми во воздух за предупредување, по што едно од возилата скршнало кон патролата веројатно со намера да ги заплаши и прегази полициските службеници, доведувајќи ги во опасност. Еден од полициските службеници испукал кон возилото за да го оневозможи и го погодил во багажникот. При тоа е погодено едно лице, илегален мигрант, кој бил сокриен во багажниот простор. Ова било утврдено откако возилата биле сопрени на следниот поставен пункт во непосредна близина на клучката за Радовиш.

Едно возило било напуштено и оставено на половина километар од инцидентот, две од возилата имале меѓусебен судар во близина на следната контрола, едно возило било сопрено од полицијата, а петтото по кое се трага успеало да побегне. Илегалниот мигрант кој бил повреден е пренесен во УЦ-Скопје, каде му е констатирана огнострелна рана.

За време на акцијата се откриени и приведени вкупно 30 илегални мигранти со потекло од Сирија, Сомалија и Палестина, меѓу кои имало и шест малолетници на возраст од 5 до 13 години кои се сместени во Транзитниот центар за странци во Скопје.

09.09.2014 - 15:39
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега