Холивудските филмаџии заинтересирани за Македонија
Преку 15 кратки документарни филмови сними репортерот на Си-Ен-Ен Перси вон Липински кој изминативе две недели престојуваше во Македонија. Филмовите се за туристичка презентација на земјата, а ќе бидат емитувани на еминентни странски телевизиски канали.
Импресиониран од убавините што имаше можност да ги види, но не помалку и од гостопримството на луѓето, Липински денеска на прес-конференција најави снимање долгометражен игран филм кој ќе биде, рече, прв чекор во почнувањето бизнис тука и етаблирање нова, сосема поинаква индустрија.
- Нашата идеја е да ја претставиме Македонија на еден поинаков начин, преку холивудски филмови. Моментно снимаме во Романија, но сакаме да се преселиме тука зашто сметаме дека има многу подобри услови, истакна Липински уверен дека преку контактите со националните и локалните ТВ мрежи лесно ќе ги привлече продуцентите од студиото Универзал.
Нагласи дека веќе се заинтересирани за работа во Македонија.
- Досега имаме одлични повратни мислења од врвни извршни продуценти во Холивуд. За нас не е битно дали снимаме во Букурешт или во Скопје. Тие се на речиси исто географско растојание од Ванкувер или Лос Анџелес. Ние доаѓаме да работиме онаму каде што имаме интерес. Ние сме деловни луѓе кои во Македонија препознаваат исклучителна можност за работа. Изгледа браќата Манаки имале многу добра идеја, посочи репортерот уште познат како „патувачки гуру“.
Според него, многу работи ја прават Македонија атрактивна за холивудските филмаџии. Различни култури на мала површина, интересни локации за снимање,...
- Знам дека е интересно да се донесат големи светски ѕвезди, да се сними холивудски филм во Македнија. Тоа ќе значи огромен публицитет, популарност, рејтинг, одржување конференции за печат, сликање, но ние отвораме можност за развивање филмска индустрија што е поважно од се. Тоа ќе значи вработување илјадници луѓе, инфраструктура. За реализирањето на ваквата идеја, освен голема посветеност и решителност, ќе ни треба и огромна поддршка од државата. Ќе мора да обезбедиме и соодветно обучен кадар, подвлече Липински, осврнувајќи се и на проектот „Битола филмски град“.
Тој е апсолутно сигурен, како што напомена, дека за максимум две години во Македонија ќе биде снимен првиот филм, а потоа активностите во оваа насока едноставно ќе продолжат.
- Можеме да се пофалиме дека екипата сними повеќе материјал од што очекувавме, преку 15 кратки документарни филмови кои ќе бидат објавени на повеќе светски јазици. На заемно задоволство, и продуцентите од Холивд кои беа тука, Тимоти Марлоу, како и Фил Голдвен, веќе испратија допис до Агенцијата за нивните идни намери. Испратија и сценарио кое треба да се адаптира. Разбуден е интересот и кај нивни холивудски колеги, други продуценти оскаровци кои би ја посетиле Македонија, подвлече директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски, кој застана зад двонеделната турнеја на Липински.
Воедно потсети дека интересот за посетата дошол по средбата и презентациите на убавините на Македонија на саемот во Берлин.
Лепински е претставник на американската компанија за производство и дистрибуција на филм „Инфинити пикчрс - Холивуд Медиа Бриџис“ која има канцеларии во студиото Универзал во Лос Анџелес. Досега снимила 170 играни филмови.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа