Родителите собираат шишиња за да преживеат- битолчанецот Томе докажа дека парите не се пресудни за успех

18- годишниот Томе Kиријази е доказ дека ништо не може да те спречи доколку имаш зацртано своја цел. 

Семејството на Томе по транзицијата се соочи со финансиска криза. Тие преживуваат со една плата и од собирање шишиња, но материјалната состојба не го спречи Томе да напредува во учењето.

Тој од прво одделение основно училиште до четврта година средно не добил помала оценка од петка. Годинава матурира како првенец на генерацијата во техничкото училиште „Ѓорги Наумов“ во Битола.

Во средината е познат како многу талентиран математичар и физичар со солидни познавања по астрономија. Покрај честите присуства на регионални и државни натпревари по математика, каде што освојувал и награди, летово ново искуство за него беше учеството на Светскиот натпревар по астрономија и астрофизика во Сучава, Романија.

Животната сторија на Томе и неговото семејство ја пренесува весникот  Дневник. 

- До 11 август бев дел од огромен тим со двесте млади таленти по астрономија од 32 држави од светот. Местото си го обезбедив бидејќи бев меѓу првите пет победници на натпреварот по астрономија во Македонија. Во Романија имавме тест со решавање задачи, теоретски дел, практичен дел како обработка на податоци од астрономија, набљудување со телескоп и дел од планетариум – вели младиот и талентиран Kиријази.

Тој вели дека природните науки баш му одат од рака и  дека никогаш дома не бубал за да научи, туку она што ќе го слушнел на школо го запаметувал. Доволни му се неколку секунди да ги разгледа податоците запишани на лист хартија, а потоа без грешка да ги интерпретира. Љубовта кон астрономијата се појавила кога тргнал во средно училиште и кога професорката по физика го вклучила во натпреварите. За жал, во Романија не се пласирал меѓу победниците поради големата конкуренција.

- За натпреварот сами се подготвуваме дома од интернет и од книги што ни ги даде професорката. Во Битола нема многу услови за да напредуваш во астрономијата, немаме опрема, телескопи. Во Романија имавме можност да се запознаеме со напредна опрема и да научиме повеќе од другите учесници – додава Kиријази.

Сметувањето во Романија му било платено, но патувањето и престојот на младиот Томче таму го помогнала општинската организација на Црвениот крст од Битола.

- Црвениот крст ни помага, го облече за матурата и му дадоа пари за Романија, 250 евра. Му останаа 50 евра и следниот ден ги вративме. Благодарение на Црвениот крст имаме интернет и лаптоп дома. Инаку, имаме три деца, јас сум домаќинка, мажот ми работеше во фабрика, но таа отиде во стечај. Едно време земавме социјална помош, но ни ја укинаа. Сега моментално собираме шишиња и големата ќерка работи – раскажува мајката Зорка Kиријази.

Таа се жртвувала за да ги прехрани и школува децата.

- Предвреме ќе ги прашав што им треба за училиште зашто финансиски сме слаби, да не им недостига тетратка или некој прибор, па да се чувствуваат инфериорно. Ако требаше јас немаше да јадам дента, за нив да има храна за на училиште. Од книжарницата, ако требаше, ќе позајмев прибор – додава пожртвуваната мајка.

Нејзиниот труд се исплати зашто синот од средношколските води исплива со диплома за најдобар ученик, а за еден месец ќе биде бруцош на новиот Факултет за информатички и компјутерски технологии во Битола.

03.09.2014 - 12:47
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега