За труењето скопската сендвичарница „Жу Жу Бургер“ ќе плати 5.000 евра

Објектите на сенвичарите во Драчево и во центарот на Скопје кај кои што поради нехигиена и присуство на фекалии беа затруени 64 лица, се времено затворени од Агенцијата за храна и ветеринарство се додека не ги отстранат констатираните недоследности.

Повторно ќе бидат отворени само доколку со новите лабораториски испитувања се потврди безбедноста, односно се додека хигиената во објектот не биде на задоволително ниво.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од извршените лабораториски испитувања на земените мостри од храна и бриса од работни површини од сендвичарницата во скопската населба Драчево каде пред неколку дена се случи труење со храна. Со испитувањата на петте мостри храна, утврдено е присуство на колиформни бактерии во три мостри и присуство на бактеријата стептококус фекалис во една мостра.

Во еден од земените 7 бриса од работните површини, утврдено е присуство на ентеробактер, на колиформни бактерии и на мувли. Сето ова укажува на нехигиена во објектот и несоодветна манипулација со храната.

 Врз основа на одредбите од Законот за безбедност на храната, против овој оператор поведена е прекршочна постапка, со која ќе биде изречена и парична казна од 5 илјади евра во денарска противвредност за правното лице и петстотини евра за одговорното лице во правното лице.

Бидејќи станува збор за оператор со храна кај кој од страна на инспекциските служби при контролите по трет пат се утврдени недоследности, кај него во иднина ќе се зголеми фреквенцијата на вршење на инспекциски контроли.

Агенцијата ги доби и резултатите од испитувањата на мострите од храна и работните површини и од сендвичарниците на „Жу Жу“ каде исто така имаше инцидент на труење со храна. Резултатите покажаa дека во една од земените 4 мостри од храна и во два бриса од работните површини, исто така се најдени колиформни бактерии. И против овој оператор е поведена прекршочна постапка и ќе биде изречена парична казна во иста висина.

И овие објекти се времено затворени и нема да добијат дозвола за работа се додека не ги исполнат безбедносните критериуми потврдени со лабораториски анализи.

03.09.2014 - 12:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега