Апелација одлучи: Две години затвор за Владо Бучковски
Со пресуда на Апелацискиот суд во Скопје поранешниот премиер Владо Бучковски е осуден на две години затвор за предметот познат како „Тенковски делови“.
Како што соопшти Основниот суд Скопје 1, од Апелацискиот суд Скопје е доставена пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје се одбива како неоснована, додека жалбите на обвинетите В.Б., М.С., Н.М., А.Ѓ. и М.П., делумно се уважуваат.
- Пресудата на Основен суд Скопје 1 - Скопје К.Бр.694/10 од 01.07.2013 година, се преиначува само по однос на одлуката за кривичната санкција така што обвинетиот В.Б. од Скопје кој со првостепена пресуда е огласен за виновен за кривичото дело „Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.355 ст3. вв со ст1. од КЗ, согласно со чл. 4,32,33,35 и 39 од КЗ“, се осудува на казна затвор во траење од две години, стои во соопштението.
Првично на 1 јули 2013 година Основниот суд го осуди поранешниот премиер со казна затвор од три години.
Казната му е намалена и на поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски кој исто така беше осуден на три години затвор.
- Апелацискиот суд за него пресуди казна затвор во траење од две години, во која му се пресметува и времето поминато во притвор, се посочува во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа