Yahoo Travel: Охрид е скриен скапоцен камен во Европа (ФОТО)
Градот Охрид во Македонија е скриен скапоцен камен во Европа. Со овој наслов престижниот „Yahoo Travel“, ги објасни фотографиите од Охрид кои ги објави денеска на неговата фан страна на Фејсбук која има 344 886 следбеници.
„Yahoo Travel“ е познат магазин кој прави репортажи од светски познатите и популарни туристички дестинации.
Инаку, периодов во Охрид престојуваат 26 интернационални медиуми и туроператори кои се дел од „Недела на авантури – Западен Балкан“ . Дел од учесниците на турата се главниот уредник на National Geographic Traveler Кит Белоус, уредничката на Yahoo Travel Џо Пиаза и уредничката за југоисточна и источна Европа на Lonely Planet Брана Владисављевиќ.
Тие во рамки на „Недела на авантури“ ќе ги посетат Св. Наум, културно – историските знаменитости во Охрид, Галичица како и други места во Македонија.
Покрај посетата на природните убавини, групата ќе ужива во традиционалната македонска музика, храна и култура и ќе учествува во спортски активности, како тандем параглајдинг, велосипедизам, искачување по карпи и планинарење.
По завршувањето на турата се очекува објавување на голем број прилози посветени на убавините на Охрид, кои ќе придонесат за афирмација и привлекување на повеќе странски гости, авантуристи и љубители на природните убавини, добрата храна и музика.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа