Волерс: Никој повеќе од САД не сака Македонија да влезе во НАТО
Нема план оваа година да бидат примени нови членки на самитот во Велс. САД веруваат дека Македонија ќе стане вредна членка на НАТО, но прашањето е кога. Остануваме посветени на политиката на отворени врати и ќе продолжиме односно Алијансата ќе продолжи да работи со Македонија и со другите земји кандидати за да се оствари членството во НАТО. Никој не сака Македонија да влезе во НАТО повеќе од САД, како што повеќепати сме рекле.
Ова го истакна американскиот амбасадор Пол Волерс на денешната конференција „Идното НАТО-Предизвици и очекувања“ што се одржа пред престојниот самит на Алијансата во Кардиф, Велика Британија, на кој не е предвидено проширување со нови членки.
НАТО бил и се уште е суштината на глобалната безедносна заедница, рече Волерс, додавајќи оти северна Америка и Европа се нераскинливо поврзани кога станува збор за безбедност. Македонија како важен партнер, подвлече, игра многу важна улога во Алијансата, а е и постојан сојузник во сите мировни операции.
Република Македонија е длабоко навлезена во интегративниот процес за што говори и 16-от акциски план. Македонија ги исполнува потребните критериуми за влез, но како главна пречка, како и досега и понатаму е проблемот за името со Грција, рече Исмет Рамадани, претседател на Евро-Атлантскиот совет на Македонија (ЕАСМ).
- Ние сме дел и природно и припаѓаме на трансатлантската врска и идните предизвици на НАТО се и наши предизвици. Не можеме да се изолираме и да речеме дека се што се случува денес во светот ќе не одмине. Република Македонија треба силно да продолжи на патот кон евроатлантските интеграции и како и досега да ги превземе сите обврски и задачи за да го обезбеди своето место меѓу сојузниците. Република Македонија е дел од речиси сите програми на НАТО, што ја потврдува нашата определба, нагласи Рамадани. Во името на ЕАСМ тој потсети дека за Македонија се уште важи заклучокот од самитот во Букурешт дека со решавање на името веднаш на ниво на амбасадори може да добиеме поканата за полноправно членство во НАТО.
Според него, главна тема на самитот во Кардиф ќе биде идното НАТО кое треба да биде подготвено за секој можен иден предизвик, а ќе се дискутира и за Авганистан, трансатлантската врска односно потпишување декларација во која северноамериканските и европските сојузници ќе ја реафирмираат меѓусебната посветеност кон безбедноста и поеднаков пристап и поделба на обврските, преку зголемување на одбранбените буџети кон предвидените 2 проценти од БДП.
Чарлс Гарет, амбасадор на Велика Британија посочи дека на самитот на НАТО ќе бидат присутни високи претставници од над 60 држави. Ова е, потсети, прв НАТО самит што ќе се одржува во Велика Британија од 1990 година и јасно е дека овој самит ќе биде исто толку критичен како и оној во 1990 година особено кога станува збор за НАТО и партнерите.
- Битно е да се потсетиме дека додека Британија е домаќин на овој самит тој е во сопственост на сите. Важно е да се изгради стабилност во светот и има три основни цели: да се земат предвид долгорочните импликации на руско-украинската криза и промената во геостратешките приоритети на границите на НАТО. Британија ќе се потруди да осигура дека ова ќе води до смирување на страстите и да се одбијат понатамошните руски напади. Второ, да се согласиме на следното поглавје НАТО-врската со Авганистан и трето, да се осигура дека НАТО се обраќа кон новите закани и предизвици како што се сајбернападите, ние исто ќе се потрудиме да ги зголемиме инвестициите во безбедноста и да понудиме иницијативи за интероперабилност. Конечно ќе се потрудиме да дојдеме до согласност за вооружените сили и за фер третман на членовите на овие воени сили и нивните семејства, рече Гарет. И покрај финансиската криза, подвлече, би сакале сите наши членки да дадат што е можно поголем придонес финансиски кон постигнување на целта и од тие два проценти,една половина да биде вложена за истражување. Велика Британија, најави, токму толку ја ќе потроши и на тој начин ја покажува својата посветеност.
- Иако пораката во однос на членството останува иста, она што ќе дојде од овој самит ќе биде од голема важност за Македонија. Самитот доколку ги постигне своите цели, а верувам дека ќе ги постигне, ќе го засили НАТО, а со тоа што ќе го засили НАТО ќе донесе битни сигурносни придобивки за Македонија. Самитот во Велс треба да докаже дека НАТО е алијанса цврста како камен, со многу партнерства низ светот која што работи на сигурна околина во која што економиите може да растат, истакна британскиот амбасадор Гарет.
Румен Радев, шеф на НАТО канцеларијата во Република Македонија во обраќањето на конференцијата оцени дека иднината на глобалниот мир и безбедност зависат во голема мерка од акцискиот план и ангажманите на НАТО. Според него, потребно е новите сили на Алијансата да бидат модерни, одржливи и лесно распоредливи. Радев побара да се зголеми поддршката за земјите-партнери на НАТО за да може да се постигне поголема интероперабилност со НАТО.
Методи Хаџи Јанев, продекан на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ смета дека за да ја обликува безбедносната околина доколку НАТО не успеат да го препознаат ова, особено европските партнери, ќе ја изгубат можноста да го диктираат темпото на националните рамки и ќе дозволат помалите и, рече, крволочни амбициозни актери, да преземат водство чиишто амбиции се, како што видовме, глобални и епокалиптични. Ова, истакна, ќе доведе до криза на европскиот идентитет и економијата.
Глобализацијата и технолошкиот развој, смета тој, се покажаа како оружје со две острици. Од една страна, вели, имаат донесено многу прогрес, но од друга страна донесоа многу предизвици коишто се закана за нашата безбедност и коишто влијаат на нашето живеење. Меѓу другото, тој потенцира дека надворешно НАТО-земјите треба да најдат начин како да избегнат билатералните прашања да станат пречка кон поголемата кауза. Тоа значи, рече Хаџи Јанев, дека НАТО треба повторно да ја преиспита својата политика.
- Не знам дали Македонија е кредибилен партнер, но сигурно сме лојални, тоа сме покажале многу пати. Регионалните земји коишто не се членки на НАТО и коишто се уште не се дел од НАТО, мора исто така да се адаптираат, многу да бидат поактивни, мора да бидат агилни и има неколку нешта што мора да ги земеме во предвид, рече Хаџи Јанев.
Тој како добра ја оцени иницијатива на НАТО да се проширува со проекти за мир и сигурност. Но, истакна, не треба само да се држиме на работилници, туку треба да работиме повеќе и да се обидеме да најдеме иновативни начини како да ја избегнеме тековната криза и да најдеме некои иновативни решенија коишто ќе му помогнат на секого.
- Модерната структура на современите правила и норми доколку се уште важат не можеме само да се потврдат со заеднички декларации. Мораме да подготвиме заеднички уверувања. Дозволете ми да кажам дека НАТО мора да ја искористи иницијативата и да ги оствари своите улоги не само колективен бранител, туку и како колективен обликувач на безбедноста во околина која постојано се менува, ова мора да биде прилагоден процес и менаџмент со глобалните сили и во рамки на НАТО ќе можеме да агрегираме сили коишто ќе можат да реагираат благовремено на какви било закани, рече меѓу другото Методи Хаџи Јанев.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа