Заев ретерираше: Не тврдев дека Грувески зел пари за Македонска Банка
Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска во основниот суд Скопје 2 ретерираше во ставовите изнесени во јавноста за случајот со продажбата на Македонска банка, за што е тужен од страна на премиерот Никола Груевски за навреда и клевета, пренесува Курир.
Заев, кој се најде во мат позиција по вчерашното сведочење на главниот сведок на СДСМ, Јовица Стефановиќ- Нини, денеска на рочиштето при распитот ретерираше од тврдењата изнесени на прес- конференциите, велејќи дека не тврдел, туку поставувал прашања за сомнежите што ги имал, но не тврдел. Адвокатскиот тим на Заев го советуваше лидерот на опозицијата да не одговара на прашања.
Во својот исказ пред судот Заев рече дека ако тврдењето завршува со точка, а следната реченица е во прашална форма тоа било доказ дека искажува сомненија.
Груевски во својот исказ пред судот рече дека изјавите дадени од Зоран Заев во кои го обвинувал за криминал во случајот со Македонска банка се невистини и клевети од најнизок вид, кои единствено имале за цел да му нарушат на честа и угледот на Груевски.
Груевски истакна дека Заев измислил цело сценарио кое го промовираше во медиумите како обемна, агресивна кампања полна со невистини, која имаше цел целосно да го уништи неговиот углед во земјава и странство.
-Тужениот со невистините кои ги изнесуваше дека јас сум татко на криминалот, дека сум зел пари на црно и сум ја оштетил државата, беа кампања на изнесување невистини токму кога мојот углед беше ставен на проверка за време на изборите. Тоа Заев го правел злонамерно. Сето тоа се измислици. Јас целиот свој живот не сум имал никаков судир со законот, туку честа и угледот секогаш ми биле на прво место, исткна Груевски.
Тужителот пред судот посочи дека сево ова му нанела тешка душевна болка, непријатни чувства, и напад врз неговата личност.
-Тужениот и после поднесување на тужбата продолжува да ме прикажува како нечесна личност. Јас имам разбирање за политичка критика, но ова е конструкција на невистини кои имаат единствена цел – тешко наружување на мојата чест и угледот. Со ова ми е нанесена огромна штета, а не можам ни да замислам потежок облик на клевета, посочи Груевски.
Одговарајќи на прашање поставено од Заев, Груевски истакна дека веднаш по првите обвинувања ВМРО-ДПМНЕ во негово име одговорила на тоа, а соопштенијата се достапни за јавноста.
-Владата ги охрабрува сите граѓани и институции доколку имаат соменија за ваков криминал истото да го објават, но никогаш никого не сме охрабриле јавно да искажува клевети. Овде не странува збор за лично недоразбирање, туку очигледна цел оттако Заев убедливо загуби на изборите да ми наштети на вториот круг од гласањето. Ова е тешка клевета на која поверуваа дел од граѓаните, а некои од нив можеби сеуште веруваат. Тужениот имаше зла намера за негова лична корист да ми нашети, а неговата цел беше лична поради аспирацијата да дојде на власт, истакна Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа