Доживеав шок а планирав супер одмор- исповед на Македонка која летувала во Ксамил, Албанија

 

Годинава решив на одмор во Албанија. За инает на стереотипите и навидум во интерес на џебот. Не излезе во ничиј интерес, а и стереотипите понекогаш се оправдани! Настаните кои следуваа го потврдија тоа.

 

Иако, многу добро знам, дека она што за мене е добро за тебе не е, и речиси никогаш не прашувам за мислење ако некаде наумам да одам, за Ксамил прашував. И добив поделени одговори и мислења, од  „добро е“, до „не е лошо“,„супер“, „храната е евтина“, „плажите се топ“ „хаотично е“, „катастрофа“.

 

На фејсбук страниците Ксамил инфо, плажите навистина изгледаа топ. Дури имаше и една што се вика Бора Бора. Беше Бора Бора исто како што е наша Трпејца, Сен Тропе.

Но за волја на вистината, одморот не го чинат парцијални работи, во општиот впечаток влегува речиси се! Иако во се сакам да го видам убавото, за жал, во Ксамил не надвладеа она добро за кое бев појдена. Убавината на плажите не можеше да се види од пренатрупаноста со луѓе. Цената на хранатa е нормална, не е евтина. Да не речам таман прилагодена за едно место кое претендира да биде туристичко место.

За друго, не слушнав дека е убаво!

ШОК 1!

Патот до Ксамил

За овој шок бев предупредена, но не до толку! Она „само патот до таму е крш“ не ми го амортизираше впечатокот дека ако не појдев немаше да знам дека такво чудо постои во 21 век. Патував преку Игуменица, Грција. Откако ќе ја поминете Игуменица, никаде нема знак за Албанија. Ама никаде! Да не беше еден битолчанец по кого возевме, немаше да знаеме каде да одиме. Кога стигнавме на граница сфативме дека сме требале да го следиме знакот Мавромати, ама кој да знае дека тоа е границата. Кога влеговме во Албанија чекавме да сретнеме знак кој ќе не насочи кон Ксамил. Првиот знак беше испишан на заден дел од сообраќаен знак со автолак.Патот по кој не насочи беше земјен со камења, низ дупки, покрај полиња чиниш среде пустелија, со овци и крави.

ШОК 2!

 

Дрвен сплав со кој се пренесуваат коли низ вода!

И додека се уште не сте се соземале од патот по кој сте се возеле и сте со заматен ум од прашината, следи нешто што не може лесно да се опише. Има еден дел од 20м низ вода кој треба да се помине со „сплав“. Сплавот е дрвен, каков што Том Хенкс го направи во филмот „Отфрлен“ за да се спаси од пуст остров. Се движи со помош на сајли, а застанува со слободен удар. Не дај боже да се откачи сајлата, за која мислите дека човек рачно ја врти во импровизираните куќарки, отидоа колите на Крф. За да не плачам, се смеев. Не можев да се изначудам на глетката! И ми текна на советот на едни пријатели „да не ви биде шубе, да се качите на сплавот“! Не ми беше шубе, не ми беше верно!

 

ШОК 3!

Ксамил

Не е град, не знам што е! Нема концепт, барем така ми се виде! Решиле да го направат туристичко место, ама..Град или село во кое не знаеш што е улица, а што тротоар! Не знаеш каде да се движиш, па се чувствуваш изгубен во просторот.А богами и во времето. Мислиш си се заглавил некаде во минатото. Пренатрупан со автомобили и со уште понесовесни возачи, свират, се пикаат, вознемируваат. Иако велеа дека сместувањето е евтино (10-15 евра апартман), не излезе баш така. Цените се движеа од 25 евра па нагоре. Ние најдовме за 25! Куќата каде што бевме сместени (само една вечер, толку издржавме), беше спроти ресторан во кој секоја вечер имаше традиционална музика во живо. Толку беше гласна, како звучниците да ни беа во соба! Како кога ќе викнете по некого за кого мислите дека е во друга соба, а тој е позади и не го гледате. Вознемирувачки!

ШОК 4!

Плажи кои се резервирани за „нивните“, иако не ми стана јасно кои се тие

Кога стигнавме во Ксамил, најпрво патот не одведе до плажата Бора Бора. Ок, си реков ја знам, ја читав по форуми ја гледав на слики. Но кога стигнав до неа и кога видов колку народ има на една педа место, ми се разјасни еден од негативните коментари дека плажите се убави ама не можеш да ги видиш од луѓе. Нема слободни лежалки, нема место за пешкири а во малиот простор за пливање како Кинези кога се капат во море. Бидејќи беше приквечерина и гужвата се расчисти, ги прошетав и другите плажи кои патем се една до друга и пешки се стигнува до сите кои се на онаа мини ривера на Ксамил. Добрите плажи и не беа така добри бидејќи белиот песок беше направен од истолчен камен и не е природен, но сепак беа убави! Си помислив, ете решение за пренатрупаната Бора Бора, ќе се капиме на некоја од овие. Но кога вечерта ја преживеавме со впечатокот за патот, гласната музика, градот без концепт кој се уште не е подготвен да прими толкав број на туристи кои во тој момент престојуваа, сабајлето не дочека нов шок. Кога отидовме на другите плажи да си побараме лежалки, практично бевме избркани од секоја.Иако беа празни, што не значеше дека подоцна ќе се наполнат, ни рекоа дека сите се резервирани, ама баш на секоја плажа. А и паркинзите беа резервирани иако немаше жива кола. Излезе дека нема каде да одиме на плажа. Да, имаше плажи накај Саранда, но не можеш секој ден животот да си го изложуваш на ризик за да стигнеш до некоја од околните плажи.Патишта на кои нема банкини, не се обележани, не се сигурни и на кои дивеат вишок машки хормони.

ШОК 5!

„Фиге, no money“

Во Ксамил плативме сместување за седум дена. Две семејства не чинеше 350 евра. Откако увидовме дека и покрај настојувањата да се убедиме себеси дека се ќе биде во ред, а ништо не беше,решивме да ставиме крај на агонијата. Немавме мир поради музиката, и немавме плажи поради резервациите. Си одиме, едногласно одлучивме.По случката со плажата се вративме кај газдата на кого се обидовме да му објасниме дека сакаме да си одиме. Нервозно се сврте и свика „Фиге, ноу мани“! Ми доаѓаше да му удрам бокс! По интервенција на едно младо и еманципирано момче кое работеше во менувачница каде што ги сменивме леќите во евра, „газдата“ се смилува да ни врати 100 евра. Изгоревме 200 евра,односно плативме да си отидеме!

МАСЛИНОВА ГОРА

На одмор секој бара различно, јас барам мир. Во Ксамил најдов немир.Кога влегов во Грција, имав некое чудно чувство на влегување дома, попрецизно изразено во цивилизација.

Таму најдовме сместување за 25 евра. Исто како во Ксамил. Плажите излегуваат исто така на Јонско Море. Но се далеку посредени и почисти. И нема гужва бидјеќи иако беше полно со Италијани сите се по различни плажи.Навистина нема споредба!

Не знам дали маслиновото гранче навистина симболизира мир, но јас својот мир го најдов среде маслинова гора.

П.С

Во приказната за Ксамил, испишана со ШОК, имаше и еден ШИК, ципурата на скара која чинеше пет евра за килограм.

И да, Ксамил е во НАТО!

Извор: Emagazin.mk

02.09.2014 - 12:04
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега