Меморандум за соработка во областа на трудот и социјалата меѓу Македонија и Естонија
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и министрите за социјална заштита и за здравство и труд на Естонија Хелмен Кит и Урмас Крусе потпишаа Меморандум за соработка во областите на трудот, вработувањето и социјалната политика.
Согласно Меморандумот, соработката во наредните три години ќе се одвива пред сè во областа на вработувањето, развивање и имплементација на политики за вработување, социјалната заштита, односно развивање и имплементација на политики и мерки за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост на лицата кои се доведени во каков било вид на социјален ризик. Ќе се соработува и во областа на заштитата на правата на децата, со посебен акцент на згрижување на децата со посебни потреби, системот на социјална сигурност, заштита при работа, еднакви можности на жените и мажите, како и активностите поврзани со започнувањето на водење преговори за членство во ЕУ.
- Со меморандумот кој денеска го потпишуваме верувам дека започнуваме долгогодишна соработка. Овој меморандум е почеток на воспоставување силни врски и плодна соработка меѓу ресорните министерства и успешна реализација на проекти и иницијативи во наредниот период, рече министерот Спасов по потпишувањето на Меморандумот.
Притоа тој им заблагодари на колегите Кит и Крусе за заложбите за продлабочување на соработката помеѓу двете држави и за споделување на искуствата од областите на трудот, вработувањето и социјалната политика.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов од вчера е во работна посета на Талин, Естонија. Во рамките на посетата министерот Спасов ги посети Министерството за социјални прашања, Одборот за социјално осигурување, Центарот за професионална рехабилитација на Астангу, како и на Фондот за осигурување на невработени. На средбите се дискутираше за осигурувањето на невработените лица во Естонија и услугите за вработување. Акцент беше ставен и на реформите и услугите за вработување на лица со посебни потреби.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа