Ревизија на книжниот фонд во велешката градска библиотека

 

Во Градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес од 9. септември ќе се започне со ревизија или попис на книжниот фонд, со цел да се утврди точниот број книги, најави на денешната прес-конференција Игор Крајчев, директор на библиотеката.

Во исто време, појасни, библиотеката ќе работи според вообичаеното работно време. Крајчев денеска упати апел до сите читатели кои имаат невратени книги, да ги вратат деновиве, а се со цел да се направи поточна ревизија на книжниот фонд на библиотеката.

- Воедно им се заблагодарувам на редовните читатели кои ги користат услугите на библиотеката, потенцира Крајчев.

Според сегашните сознанија велешката градска библиотека има околу 100 илјади книги во двата оддела, детски и за возрасни, а има и околу 200 стари и ретки книги од едицијата која на времето на библиотеката и ја поклонија Вида Балтиќ.

Инаку, велешката градска библиотека има вкупно 2.295 читатели од кои 1.085 во детскиот и 1.210 во одделот за возрасни.

На прес-конференцијата Крајчев информираше и дека во градската библиотека „Гоце Делчев“ од 15 септември ќе стартува петтиот конверзациски курс по англиски јазик  што се организира во соработка со волонтери на Мировниот корпус.

- Целта на курсот е граѓаните кои имаат основни познавања на англиски јазик да ги подобрат своите конверзциски способности,потенцира Крајчев.

Со курсот по конверзациски англиски и овојпат ќе раководи Ненси Глајнс волонтер на Мировниот корпус,  која волонтира во велешката градска библиотека.

Досега курсот го завршиле околу 250 граѓани од различни возрасти. 

01.09.2014 - 15:49
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега