Еве што сработија пратениците денеска
Собранието на Република Македонија на денешното продолжение на 12-тата седница донесе десетина закони од повеќе области.
Во текот на дебата по Дополнетиот предлог на закон за спречување на перење пари и финансирање на тероризам беа прифатени неколку амандмани поднесени на текстот на Предлог законот, кои се главно во насока на негово техничко подобрување.
Пратениците го донесоа и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, чија цел е транспарентно давање на договори за јавни набавки и ефикасно трошење на јавните пари. Со законот се уредува самата постапка пред Бирото за јавни набавки и се врши натамошно објективизирање на негативната референца, како и регулирање на дополнителните работи, односно постапката за набавка без оглас.
Без расправа помина Законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.
За дополнетиот Предлог на закон за дополнување на Законот за високото образование, Олга Најденоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека измените се однесуваат на обврската за обезбедување 50 универзитетски учебници - стручна литература кои се употребуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа од страна на јавните високообразовани установи во државата. Финансиските средства за оваа литература, според законот, ќе се обезбедуваат од буџетот на државата. Дополнувањата, појасни таа, се однесуваат на тоа обврската за овој вид литература да почне да се применува од 1 јануари 2015 година, а не како што првично се предвидуваше со законот, од 1 јануари 2016 година.
Пратениците го изгласаа и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделското земјиште. Како што појасни заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, законот ќе придонесе за поголема транспарентност, еднаквост и можност за конкурирање на сите заинтересирани за закуп на земјоделско земјиште, како и за поголема вредност на земјиштето.
За земјоделско земјиште над 10 хектари се предвидува формирање комисија од пет члена. Се предлага и рокот за поднесување на понудите да не биде пократок од 20 односно подолг од 60 дена со што се овозможува дополнително време за прибавување на документите за учество во елктронското јавно надавање. Банкарската гаранција треба да биде безусловна и наплатлива на првиот повик со важност од 120 дена сметано од денот на јавното отворање на понудите, се дел од измените.
Со предложените измени кои се однесуваат за земјиште до 10 и над 10 хектари е и обврската понудувачите да ги имаат подмирено давачките кон државата.
Пратеникот Ромео Тренов рече дека овој закон е континуитет во владините реформи во земјоделството со кој се овозможува транспарентност и развој во оваа област и можност за запирање на исселувањето од селата. Досега, вели, под закуп се дадени 70 илјади хектари државно земјиште.
- Оваа реформи даваат резултати бидејќи извозот на земјоделските производи бележи пораст, рече Тренов.
Љупчо Димовски од СПМ го поддржа законот и рече дека со измените најголема придобивка ќе имаат малите земјоделци.
Помина и Предлог законот за основање Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.
Поддршка од пратениците добија и Предлог законотот за изменување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен и Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за железничкиот систем.
Измените и дополнувањата на Законот за ревизија ги образложи заменик министерот за финансии Ардијан Џељадини, кој истакна дека тие се во насока на усогласување со директивата на ЕК во однос на системот на контролата на квалитетот. Основната цел поради која се предлага донесување на Предлог на законот е зголемување на транспарентноста и одговорноста на овластените ревизори, друштвата за ревизија и овластените ревизори - трговци поединци.
- Со законот се врши прецизно уредување на постапката и опфатот на контролната функција на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија, како и утврдување на критериуми што треба да ги исполнуваат лицата кои вршат контрола на друштвата за ревизија и овластениот ревизор- трговец поединец. Контрола над друштвата за ревизија може да иницира и Советот за унапредување и надзор на ревизијата. Извештајот од извршените контроли на работењето на ревизорските друштва задолжително се објавува на интернет страната на Институтот и Советот, рече Џељдини.
Со измените се врши и зајакнување на системот на истраги и санкции преку прецизирање на дисциплинските мерки што Институтот на овластени ревизори на Република Македонија и Советот за унапредување и надзор на ревизијата може да ги изречат спрема овластениот ревизор, друштвото за ревизија и овластениот ревизор-трговец-поединец, како и престапите за кои се изрекуваат тие мерки.
Со измените и дополнувањата се воведува и Регистар на трајно одземени лиценци, како и обврска мерката привремено одземање на лиценца трајно да се евидентира во соодветниот регистар.
Предлог законите за изменување и дополнување на Законот за државните службеници, за изменување на Законот за јавните службеници, за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за изменување на Кривичниот законик, и за изменување на Законот за здравствената заштита, сите по скратена постапка, кои се дел од дневниот ред на оваа седница, како што беше кажано, ќе бидат разгледани кога ќе се создадат деловничките можности, односно кога ќе поминат на матичните комисии.
Собранието ќе ја продолжи 12-та седница со расправа по измените и дополнувањата на Законот за ревизија во прво читање, по редовната пауза.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа