Откриена царинска измама, запленета разна стока

 

Минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што се запленети девизи, алкохолни пијалоци, облека, репроматеријал за текстилна индустрија, алуминиумска фолија, употребувана техничка стока и кокаин. Покрај тоа откриени се и три царински измами.

Задржана е следната стока:

Девизи

- 18.900 евра, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со грчки регистарски таблички, управувано од  грчки државјанин, пријавено за влез во државата. На прашање на царинските службеници возачот пријавил дека со себе носи 9.000 илјади евра, но при извршената контрола, во преградата помеѓу предните седишта, биле пронајдени уште 19.900 евра, за кои возачот не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во Република Македонија.

- 3.000 евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за излез од државата. На прашање на царинските службеници возачот изјавил дека нема што да пријави за царинска контрола, но при извршениот личен претрес, во преден џеб од неговите панталони, биле пронајдени 5.000 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.

Текстилни производи и алуминиумска фолија

- 1.255 метри квадратни ткаенина од синтетика и памук, откриени од страна на Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Штип, при контрола на фирма од Штип, имател на одобрение за постапки со економски ефект - привремен увоз за облагородување. Задржаниот репроматеријал, пронајден во производствените погони на фирмата, не бил евидентиран во книговодствената евиденција и немало доказ дека за истиот се платени увозните давачки.

- 214 парчиња машка долна облека од марките Ѕубебе, ЦМ, ГК и Уомо, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи биле пронајдени во неколку кеси сместени под долниот кревет, во кабината на возилото.

- 140 ролни алуминиумска фолија и 130 готови текстилни производи (тексас кошули, панталони, елеци, женски јакни и блузи), откриени во два одвоени случаи, на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на две патнички возила со македонски регистарски таблички, управувани од македонски државјани, пријавени за влез во државата.

Во првиот случај, во 4 патни торби, сместени во багажниот простор на патничко комбе биле пронајдени 140 ролни алуминиумска фолија, 21 женска јакна и 5 женски блузи, а во вториот случај, во три куфери, сместени во багажникот на патничко возило, биле пронајдени 64 тексас кошули, 20 пара панталони и 20 елеци.

Алкохол и техничка стока

- 12 шишиња ликер од 0,7 литри (Рио Цолад и Рио Фине) и 2 шишиња виски Блацк Рам од 1 литар, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир. Непријавените производи биле пронајдени на подот на возилото, помеѓу предните и задното седиште.

- 18 употребувани авто радија и 1 употребуван прожектор, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока била пронајдена во неколку кеси и еден ранец сместени во багажниот простор и помеѓу предните и задното седиште на возилото.
  
Кокаин

Мобилните царински тимови во соработка со Министерството за внатрешни работи, спречија и 1 обид за криумчарење кокаин во Република Македонија.

На ден 28.08.2014 година, околу 20:30 часот, по барање на Полициската станица во Ресен, мобилен царински тим со куче извршил контрола на патничко моторно возило, марка БМЊ, со македонски регистарски таблички, сопственост на македонски државјанин. Откако кучето реагирало на просторот околу рачката на менувачот на брзини, бил извршен детален преглед на истиот, при што било пронајдено ќесиче со 15 паковки со бела прашкаста материја, со вкупна маса од околу 6 грама. Целиот случај е предаден на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

Измама

На царинската испостава Гевгелија се откриени три обиди за избегнување на плаќање на царински давачки со погрешно тарифирање на декларираната стока.

Фирма увозник од Скопје пријавила за увозно царинење „Полиетиленски вреќи“, декларирани во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 6,5% и стапка за ДДВ од 18%. При документарен и физички преглед на стоката царинските службеници утврдиле дека истата треба да се декларира во сосема друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 17,5% истапка за ДДВ од 18%.

Покрај тоа извршена е контрола на уште две декларации со кои истата фирма претходно увозно оцаринила производи од истиот тип, при што било утврдено дека и во тие два случаи стоката била погрешно декларирана.

Врз основа на новоутврдената тарифна ознака биле пресметани дополнителни увозни давачки за сите три случаи, во вкупен износ од околу 30 илјади денари.

01.09.2014 - 13:01
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега