Марјан Николовски: СПЦ тргна кон поништување на МПЦ
Синодот на СПЦ во проширен состав, а во СПЦ тоа подразбира учество на Иринеј Буловиќ, донел одлука да го расчинува Поглаварот на МПЦ, Стефан. Ќе спроведуваат владиците од пашалукот црковен суд за непослушниот вазал од јужната бановина. Така некако од прилика гласи во оригинал идејата на “Иринеј Моќни” и “Иринеј Послушни”.
Стаса абер од Белград. МПЦ чекаше одговор на иницијативите за продоложување на дијалогот, а доби патријаршиски ферман. Да се знае кој е главен. Синодот на СПЦ во проширен состав, а во СПЦ тоа подразбира учество на Иринеј Буловиќ, донел одлука да го расчинува Поглаварот на МПЦ, Стефан. Ќе спроведуваат владиците од пашалукот црковен суд за непослушниот вазал од јужната бановина. Така некако од прилика гласи во оригинал идејата на “Иринеј Моќни” и “Иринеј Послушни”. Еден битанга што индиректно ја води СПЦ и еден безрбетник што мисли дека Белата Пана го прави Патријарх. Тоа е таа игра што се вика Црква. Ама голема црква. Црква на три територии.
Веста за некаква постапка за расчинување на Стефан, како поглавар на МПЦ има за цел да постигне две работи. Да создаде забуна и второ да создаде страв и паника во Македонија. Демек нешто страшно и драматично ќе се случува. Прво, овој чекор на “мудрецот” во СПЦ воопшто не е никакво изненадување, туку напротив сосема очекуван потег, барем за оние на кои им се јасни причините за македонско-српскиот црковен спор. На тие на кои не им се јасни ниту сто бајачки нема да им помогнат. Одлуката да се расчини Стефан е последниот обид на Иринеј Буловиќ да издејствува разнебитување на МПЦ со тоа што мисли дека на тој начин ќе влее страв кај останатите владици на МПЦ дека ќе ги снајде истата судбина. Од друга страна пак прави обид да и ги затвори вратите на Македонската црква кај која било друга помесна православна црква, затоа што едно е “Архиепископ во ракол, а сосема друго е расчинет Архиепископ”. Така мисли Иринеј. Како ќе биде ќе видиме. Истовремено ова е последен обид на Буловиќ да ја спаси од тотален распад неговата парацрква создадена како духовно единство со Белград. Тоа лесно се приметува. Возбудата и “грижата” оти Стефана ќе бил расчинет некако најмногу ги погоди јовановите следбеници. На големо “предупредуваат” на последиците од таквиот чин и тоа на последиците што МПЦ ќе ги имала. Сега по нив следуваат и “душегрижни” совети од една група новинари и се тоа со истата цел, создавање забуна и страв. Штета што тие новинари имаат кратка меморија, па забораваат што и како пишувале еднаш, а што и како застапуваат денеска. Понекогаш е добро да се препрочитаат своите ставови.
Но, како стојат работите. Иринеј Буловиќ одлично е запознаен и знае дека овој чекор нема да добие никаква поддршка меѓу православниот свет, особено во двата најголеми православни центри. Москва и Цариград. И Кирил и Вартоломеј многу добро знаат дека МПЦ не е Црногорската црква и Стефан не е Мираш Дедаиќ. И на Фанар и на Москва им е јасно дека МПЦ е реалност и за таа реалност мора да се бара решение, а не да се носат акти за нејзино поништување. Од едноставна причина што тоа е невозможно да се случи. Не само Стефан и сите 13 владици во Синодот на МПЦ да бидат расчинети, МПЦ ќе постои, затоа што Црквата не ја прават одеждите, митрите и жезолот. Црквата ја прават верниците. СПЦ и Иринеј Буловиќ добро е да соопштат што на таквата идеја им кажал Иларион Алфеев, кој вчера беше на неколкучасовна средба со Српскиот Патријарх во Белград. Добро е да соопштат дали Рускиот Патријарх Кирил, кој треба да дојде во Белград ќе го пречекаат со веќе донесена одлука за расчинување на Стефан, и кој став за ова прашање го има Црковна Москва.
Српската православна црква и МПЦ се во прекин на литургиското општење цели 47 години. Период во кој доколку СПЦ можеше одамна ќе спроведеше вакви бизарни одлуки. Зошто сега? И Зошто токму Стефан? Во СПЦ многу добро знаат дека од 1959 година, или 55 години, СПЦ ја нема јуриздикцијата врз епархиите во Македонија, а со тоа престануваат да важат и одлуките на СПЦ за епархиите во Македонија. Така одлучил тогашниот Собор на СПЦ, не синодот во Скопје.
Но зошто сега и зошто Стефан? Српската православна црква се до 2002 година, додека не ја создаде пара црквата на Јован никогаш не се дрзна да покрене постапка за расчинување на владиците кои ја создадоа македонската Автокефална црква. Зошто? Затоа што знаеја дека немаат такви ингеренции. Ваква одлука за расчинување СПЦ, но со членовите на ПОА, донесе во 2003, кога во Манастирот св. Прохор Пчински, исто така под диктат на Буловиќ и Пахомије донесе одлука за расчинување на сега покјниот митрополит Кирил. Каква важност имаше таа одлука за МПЦ? Никаква. Кирил почина како надлежен митрополот на полошко-кумановската епархија. Во меѓувреме тој се среќаваше и си владици на други помесни православни цркви кои доаѓаа во Македонија. Тие учествуваа (не сослужуваа), на литургиите каде што тој служеше. На неговиот погреб дојдоа претставници на други помесни православни цркви, а и монаси од СПЦ. Тоа значи дека одлуката на Иринеј Буловиќ за расчинување на Кирил немаше никаква важност во православниот свет. Но, што е уште поинтересно ниту кај своите владици и монаси во СПЦ. Е сега, ако СПЦ држеше до своите одлуки, еве го прашувам Иринеј Буловиќ, зошто не го расчинија нивниот епископ Лаврентиј, кој во 2007 година беше на верската конференција во Охрид и многу срдечно беше во друштво на “расчинетиот Кирил”? Не е ли ред да бидат санкционирани прво оние од своите редови кои не ја почитуваат одлуката на СПЦ. Но тоа не се случи, затоа што и во Патријаршијата во Белград не веруваат во тоа што го прави Иринеј Буловиќ.
Иринеј Буловиќ, заедно со Јован Врнишковски е дел од грчкиот блок владици во СПЦ, кои со години прават обид за поништување на МПЦ, а не за какво било изнаѓање на решение. Тоа е одработување на грчко-државно-црковна политика која има за цел бришење на македонскиот идентитет на МПЦ и враќање во духовната прегратка на Белград и интронизација на Јован во поглавар на епархиите во “бановината српска”. Причината дека Стефан е гонителот на Јован и неговата ПОА е само параван за спроведување на сценариото.
И јас многупати кажувам дека место да им се дава шанса да го користат овој параван, МПЦ може и мора да го оневозможи тоа. МПЦ не може да го извади од затвор, но може да се огради од тоа.
Оваа одлука на СПЦ за покренување постапка за расчинување на Стефан МПЦ не треба да ја премолчува, туку напротив од тоа треба да направи драма. Да го сврти вниманието кон себе.
Туку знаете ли од што јас се плашам? Се плашам од моментот што овој декрет од Белград можеби повеќе ќе го пробуди стравот кај Архиепископот Стефан, отколку кај верниците во Македонија. Се плашам од моментот што на овој декрет можеби повеќе ќе ликуваат некои Владици во Скопје, папочно врзани со Белград, отколку што во реалноста на тоа верува лично Иринеј Буловиќ. Тоа е она што треба да биде аларм за паника во Макдонија…
Марјан Николовски – Новинар
Денешен
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа