Вељаноски: Нема политичка криза во Македонија

 

Секој посакува да има конструктивна опозиција, да придонесе во носењето на значајните акти како што се уставните амандмани и ребалансот на Буџетот. Сепак, Собранието не смее да биде под диктат и под пресија од одредена политичка партија.

Ова го истакна претседателот на Собранието Трајко Вељаноски во гостувањето во Дневникот 2 на јавниот сервис. Вељаноски смета дека учеството во Парламентот е должност и обврска, не е пожелна оваа ситуација, но не смее да се стопира работата на Собранието поради една политичка апртија.

-Мое убедување е дека извештајот за напредокот ќе биде позитивен и верувам дека и во однос на работата на Собранието ќе биде позитивен, со одредени замерки.  Позитивниот извештај ќе ни даде поттик да продолжиме понатаму да работиме, но секако и одредени негативности кои придонесоа од неучеството на СДСМ ќе бидат нотирани и тоа ќе биде како една негативна работа, рече Вељаноски.  

Првиот човек на Собранието е дециден дека во Република Македонија нема политичка криза.

-Криза би постоела во оној момент кога институциите не би можеле да работат и да ги носат оние акти за коие се основани. Секако дека има криза во однос на дијалогот меѓу власта и опозицијата, бидејќи едни без други не можеме да го дадеме тој придонес кој нормално треба да се даде. Институциите како што се Собранието, Владата, министерствата и дирекциите нормално фунционираат и затоа нема криза. Ова секако не значи дека не треба да се направат напори да се врати СДСМ во Собранието и да биде една конструктивна опозиција, рече Вељаноски.

Запрашан за коментар за пратеничките кои го прифатија мандатот а потоа беа исклучени од своите партии Вељаноски рече дела тие сега за сега ќе фунционираат како независни пратеници, затоа што немаат пратеничка група. Вељаноски смета дека стратегијата на пратениците да делуваат надвор од Собранието е погрешна.

-Пратеничката група на СДСМ веќе четири или пет пати го бојкотира Собранието. Тоа покажува за нивната несериозност во носењето на одредени поолитички одлуки. Чудно е да се претставуваат како пратеничка група и да велат дека ќе делуваат од надвор, а да не влезат во работата на Собранието за што примаат плата. Оваа нивна стратегија ќе увидат дека е погрешна и дека не носи добро ни за нив, ниту за Македонија, рече Вељаноски.   

25.08.2014 - 00:31
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега