СДСМ: Заев нема куќа во Грција

 

СДСМ демантира дека Заев имал куќа во Грција. По информаицијата која ја објави порталот Курир, опозициската партија испрати демант кој го објавуваме во целост.

„СДСМ ги демантира лагите и измислиците на провладиниот „Курир“. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, како и секој македонски граѓанин, својот одмор го помина со закуп на простор, на своја сметка.

Очигледна е нервозата кај власта штом решила со лажни, целосно измислени текстови да се брани за прашањата кои што јавноста ги поставува за луксузниот одмор на Никола Груевски.

И наместо да измислува и да лаже, власта нека одговори:

На чија сметка летува Никола Груевски во Бодрум, Турција?

Дали луксузниот одмор на Груевски го плаќаат македонските граѓани и колку чини?

Колку вкупно лица го придружуваат Никола Груевски и кој го плаќа нивниот ангажан?

Која е основата некој друг да го плати одморот на Груевски и дали овој поклон е уредно пријавен од страна на Груевски? 

Бидејќи лагите, измислиците и тенденциозните дезинформации кои ги пласира „Курир“ во споменатиот текст го нарушуваат угледот и честа на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, согласно член 13 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета бараме извинување од порталот „Курир“ и повлекување на објавените невистини.

Исто така бараме повлекување на објавените невистини и од сите медиуми кои ќе го пренесат спорниот текст.

Во смисла на став 2 и 3 од истиот член бараме извинувањето да биде објавено на исто место и ист обем како и спорниот текст.

Во спротивно, ќе следува судска постапка“

(Интегрален тест од писмена реакција на СДСМ)

15.08.2014 - 12:30
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега