ВМРО-ДПМНЕ: Милчин се обидува да предизвика насилства, ги спроведува задачите од СДСМ

 

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ реагира на изјавата на Владимир Милчин дадена во интервју за Мојот Град.

 Во продолжение следува интегрален текст од реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Очигледно на Драматургот исклучително многу му пречи што народот одлучи дека тој лично и неговите пријатели, кои во 90-тите извршија невиден грабеж на општетствениот имот и отпуштија 200 илјади работници од работа и ги оставија на улица, веќе не можат да бидат кројачи на судбината на Македонија.

Милчин од режисер на судбините на македонските граѓани, стана само обичен статист со падната маска од што се увиде дека зад лушпата на некаков либералист и цивилист, за како сака да се претстави, стои само суштината во која тој е само еден обичен партиски апаратчик кој и покрај десетиците милиони евра кои му стојат на располагање и кои ги троши, не успева да испорача резултати за неговите наредбодаватели, затоа што е прочитан од народот и тоа како лоша книга која кога ќе почне да се чита, се прекинува со читање и се остава затоа што иако има убави корици и изгледа богато е досадна, неинвентивна и лошо напишана.

Македонија веќе не е место во кое Милчин и неговите пајташи можат да загорчуваат животи и да уништуваат судбини, како што лично Милчин со своето кодошење ги уништи судбини на македонски дејци Ристо Шишков и Живко Чинго.

Затоа денес Владимир Милчин се обидува да предизвика насилства и немири, само за да ги спроведе партиски задачи дадени од СДСМ, а платени со странски пари. Поинаку не може да се толкуваат неговите ставови со кои ги оправдува и ги нарекува граѓански насилните протести кои се однесуваа за случајот Монструм.За таа цел ги користи интернет порталите и медиумите кои се под негово директно финансирање и преку нив се обидува да шири инсинуации и повици за насилно рушење на една демократски избрана власт. Преку соросовите инсталации со кои тој раководи во Макеоднија веќе подолг период троши сомнителни милионски суми со кои ја оцрнува сопствената држава надвор и се обидува да подбуцнува немири од внатре.

Овој човек, кој е лустриран и кој во минатиот систем кодошел луѓе за сопствено напредување во кариерата, не може да се помири со фактот дека времињата на “режирање“ сценарија за пуч веќе се поминати. Граѓаните веќе ги прочитаа неговите лаги и манипулации и ниту нему, ниту на неговите партиски пријатели од СДСМ, ниту на неговите странски наредбодатели не им веруваат.

Затоа наместо да тоне во својот гнев, а затоа што бил директен сведок на настаните и учесник во истите, го повикуваме да напише една монографија за транзицијата во која неговата елита уништи 476 македонски компании, во која тајкуните шверцуваа нафта, цигари, бакар и што уште не, во која министрите им купуваа скапи бисери на министерските, во која премиерите ја водеа државата од блиските кафеанчиња до Владата,  по улица се утепуваа луѓе, имаше самоубиства со по два куршума, атентат на Претседател, се ограбија граѓаните со ТАТ. Сигурни сме дека таа книга на Драматургот ќе биде бестселер затоа што тој како инсијадер сигурно квалитетно ќе ја напише.

10.08.2014 - 11:07
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега