Арифи: Во тетовската администрација нема да има отпуштања поради политичка или друга определба

Во администрацијата на општина Тетово нема да има отпуштања поради политичка или друга определба, изјави градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи, која денеска со вработените во општината спроведоа акција за чистење на канацелариите и ходниците во објектот на локалната самоуправа, како и паркинзите и другите помошни простории.

- Не сум  дојдена во општината за некому политички да му се реванширам или да постапувам спротивно на позитивните законски прописи. Ги ценам и ќе ги ценам сите луѓе и вработените во општинската администрација исклучиво спрема работата која е нивната определба. Она што го барам од нив е можеби премногу работа, а нивните определби во најмала рака не се моја работа, рече Арифи одговарајќи на новинарско прашање.

Додаде дека пред да дојде на функцијата имало околу 200 луѓе на кои им завршиле договорите за работа. - Ние не им ги продолживме договорите затоа што општина Тетово има 386 вработени што е голема бројка и важно е тие луѓе да работат интезивно и чесно и тогаш барем во оваа фаза не би имало потреба од дополнителни вработувања, истакна  Арифи.

Според неа, денешната акција е само почеток и најава за слични акции за чистење и на градот во што очекуваат да им се придружат и граѓаните. Таа најави дека и изборните материјали што се уште ги има низ градот доколку не бидат отстранети од самите политички партии што ги поставиле ќе бидат исчистени со акција на општинските власти, при што таа самата ќе ги отстрани нејзините постерите од локалните избори.

ФОТО: Сител