Субвенциите стимул за развојот на туризмот и зголемување на бројот на странски туристи

 

Субвенционирано носење странски туристи, категоризација на хотелските капацитети, исцртување на туристички развојни зони. Ова се мерките кои во изминатите години Владата ги воведе, интензивно инвестирајќи во туристичката дејност. Според познавачите, ваквите политики  го стимулираат развојот на сите видови туризам,  вклучувајќи го и руралниот и планинскиот, пишува Лидер.мк.

-Тоа се добри знаци дека ќе има поголема посетеност оти имаме голем интерес од странските партнери, ама проблем е што не можеме да понудиме соодветни капацитети, на пример, планинарски домови, обележани планински патеки, што значи има простор на ова поле уште многу да се стори, вели за Лидер Мано Ставревски, проект менаџер на Визит Македонија.

Туристичките агенти сметаат дека директната финансиска помош во туристичката дејност е добар мотив  за развој на туризмот во земјава. Во Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот објаснуваат дека поднесени се над 520  апликации за субвенционирање, а одобрени се над 1 милион евра за  организирање туристички патувања  во земјава кон странски турооператори.

-Во тој дел предничат државите од вториот круг со 80 проценти одобрени средства кои ја вклучуваат Холандија, Белгија и скандинавските држави. Потоа се вмешуваат во првите исто така Австрија и Турција. Сега очекуваме да се вклучи и Русија со оглед дека 65 евра се субвенциите веќе и за рускиот пазар. Имаме веќе договор со Руската асоцијација на турооператори со кои во моментов ги договараме термините од кои ќе започнеме со кампањата на рускиот пазар, вели Кристијан  Џамбазовски, директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Директорот на Агенцијата Џамбазовски објаснува дека веќе се работи на создавање подобри услови во туризмот преку бројни проекти  што во моментов се развиваат.

-Така ќе можеме да ги зголемиме содржините во земјава и ќе имаат можност турооператорите да создадат поконкуретен  туристички производ на меѓународниот пазар на туризмот. Во таа насока се проектите за параглајдинг, како и за дел кој што би се вклучил во програмските активности на турооператорите во РМ за активен туризам од Америка со коишто имаме предвидено презентации кон крајот на август и почетокот на септември т.е на 31 август ќе пристигнат 35 турооператори на информативно патување од Американската асоцијација за активен туризам која што е најголема во светот од таков тип и членуваат 1.000 турооператори коишто се занимаваат активен туризам, најавува Џамбазовски.

 

 

31.07.2014 - 10:19
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега