Отворени податоци од институциите за бизнис секторот и граѓаните

Граѓаните и бизнис секторот  имаат можност за слободен и бесплатен пристап до податоци од јавен карактер без технички или законски ограничувања преку порталот  www.otvorenipodatoci.gov.mk. Ова денеска го промовираше министерот за информатичко општество Иво Ивановски.

- Искуството  што го има Европската унија со отворањето на податоците покажува фантастични економски параметри кои со реискористувањето на податоците од државните институции достигнуваат и до 60 милијарди евра во претходната година. Очекуваме дека приватниот сектор во Македонија ќе ја искористи оваа можност да ги користи овие податоци и да направи комбинирани дата сетови за да можат после тоа  граѓаните да ги искористуваат, а со тоа и приватниот сектор да има приход, рече Ивановски на прес-конференција.

Со проектот се опфатени вкупно 82 податочни сетови од 11 институции: агенциите за катастар на недвижности, за електронски комуникации и за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, министерствата за животна средина и просторно планирање, за финансии и за економија, како и од државните инспекторати за труд, за земјоделство, пазарниот, санитарниот и управниот инспекторат.

- За граѓаните можеби најинтересни би биле податоците за Буџетот на РМ и ребалансот што е во тек, како еден од позначајните сетови на Министерството за финансии,  од Агенцијата за електронски комуникации за преносливост на броеви и одобренија за користење на радиофрекфенции, од МЖСПП за дозволи за складирање, третман и преработка на отпад... Имаме податоци од Државниот пазарен инспекторат од квартални извептаи за извршени  инспекциски надзпри, од Трудовиот инспекторат исто така..., наведе министерот Ивановски.

На порталот  www.otvorenipodatoci.gov.mk  се ставени сите дата сетови кои институциите ги имаа во електронски формат. Останатите институции, според Законот  за пристап до информации од јавен карактер, се обврзани своите податоци да ги направат електронски достапни за сите граѓани.

 

30.07.2014 - 11:34
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега