Зијадин Села најави регистар за евиденција на туристи
Општина Струга планира да направи регистар за евиденција на туристите, информира градоначалникот Зијадин Села. Притоа ќе се стандардизираат и регистрираат сите што даваат услуги за спиење. Тој најави инспекциски контроли каде што има сознанија за непријавени гости, истовремено барајќи од стружани да ги пријавуваат туристите во полиција и во општинските служби и да плаќаат туристичка такса за нив.
- Апелирам граѓаните да ја плаќаат туристичката такса, бидејќи тоа е за нивно добро. Од тие такси пред се ќе правиме подобар и поразвиен туризам, нагласи Села.
Како атракција за туристите, струшкиот градоначалник планира воспоставување речна туристичка линија од Струга до Глобочица.
За поголем број туристи во градот, според Села, ќе придонесе и отворањето на хотел „Изгрев“.
- Со „Изгрев“ ќе го имаме првиот хотел со 5 ѕвезди на Охридското крајбрежје и мислам дека тоа ќе придонесе за привлекување повеќе туристи, изјави Села.
Градоначалникот на Струга смета дека туризам без култура не може да има и затоа општината планира реализација на повеќе културни манифестации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа