Инвестицискиот бум во ек - се менува сликата за македонските патишта

 

Македонија е во ек на инфраструктурен инвестициски циклус кој надминува една милијарда евра. Инфраструктурата е еден од главните услови за економски развој на државата, а токму затоа инвестицијата во новите автипати и рехабилитација на постојните патни правци е значајна, особено во моментот кога Македонија е во центарот на вниманието на странските инвеститори, анализира Лидер.

Вчера започна рехабилитацијата на автопатската делница Велес- Катланово, дел од Коридорот 10, за кој се смета дека е крвотокот на македонската економија: - „Се наоѓаме во екот на едeн инвестициски циклус кој што вкупно надминува една милијарда евра од кои 790 милиони евра се само зa трите главни автопати тоа се завршување на автопатот Демир Kапија – Смоквица од Коридор 10 како и двата други од Миладиновци до Штип и Кичево до Охрид“, нагласи вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

Досегашните но и новите инфраструктурни вложувања ја менуваат сликата за патиштата во државата која за четири години треба да добие 123 километри нова автопатска мрежа. Во земјава до крајот на годината се очекува да се изградат стотици километри нови патишта. Но, исто така се продолжува и со рехабилитација на постојните. Инвестициите во најголем дел ќе бидат финансирани од странски кредити, а помал дел од сопствени средства. Односно инвестициите со странските кредити ќе изнесуваат 724 милиони евра, а 47,1 милиони евра од сопствени средства, останатото е за тековно и инвестиционо одржување на патишта.

За изградба и рехабилитација на патната мрежа во Македонија во наредните четири години оваа Влада ќе инвестира околу една милијарда евра. Најавена е изградбата на експресен пат, 4 ленти кон Бугарија, на потегот Рамковце-Крива Паланка. Со можност во иднина истиот да се прошири со уште две ленти и од експресен, да стане автопат со 6 ленти. Ќе се изгради автопатот Александар Македонски на делницата Демир Капија до Смоквица и ќе има реконструкција на истиот автопат од Смоквица до Гевгелија, од Велес до Скопје, од Куманово до Миладиновци и од Неготино до Демир Капија. Ќе има изградба на експресен пат 4 ленти од Охрид до Пештани, експресен пат од Штип до Кочани. Во 2017 ќе започне градба на експресен пат 4 ленти Штип- Радовиш, изградба на експресен пат 4 ленти од Градско, преку Росоман до Прилеп.

29.07.2014 - 09:38
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега