Попоски: Поголем ангажман од клучните членки на НАТО и ЕУ за спорот со името

 

Без политичка мотивираност од страна на Атина и конкретен ангажман од поголемите земји членки на НАТО и ЕУ, не може да очекуваме какво било поместување во спорот за името, оценува министерот за надворешни работи Никола Попоски.   

- Најголем ограничувачки фактор во моментов е што нема речиси никаков политички мотив во Грција сериозно да се седне и да се бара решение по однос на ова прашање. Причините се очигледни, бидејќи политичкиот фокус е на домашната сцена и предизвиците со кои се соочуваат, особено во делот на спречување на кризата во еврозоната ја апсорбираат практично целатата енергија која ја имаат. Дополнително, очигледно е дека сакаат да го избегнат ова прашање и да продолжат по патот на неносење одлука ниту во НАТО ниту во ЕУ и одлагање и на решението и на напредокот во однос на членството и почетокот на преговорите. За ова да се промени е апсолутно потребен поголем фокус од поголемите земји-членки на НАТО и на ЕУ, оценува министерот Попоски во контекст на изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел за инволвираноста во разговорите за името.

Попоски истакна дека го радува фактот што таа анализа е јавно споделена од повеќе лидери, претставници на земји членки на ЕУ и НАТО и се надеваме дека тоа ќе биде и поткрепено со конкретен ангажман во следниот период бидејќи само на тој начин би можеле да го придвижиме тој процес, рече Попоски.

Запрашан дали очекува медијаторот во спорот за името Метју Нимиц, кој идната недела ќе ги посети Скопје и Атина, да донесе нов предлог, шефот на дипломатијата вели нема најава за тоа.

- Нашиот аргумент се демократските стандарди и меѓународното право, затоа и инсистирама на нив. Тука многу е јасно кој и на кој начин може да ги идентификува и идентитетот и правото на самоопрделување и оние основни човекови права. Сите други кои го набљудуваат овој спор се свесни дека грчкиот пристап покрај тоа што е нелегален, навлегува и во параметри кои се однесуваат на идентитет, појаснува шефот на дипломатијата.

Во однос на Бугарија, министерот Попоски рече дека е направен суштински напредок по однос на сите поставени прашања.

Попоски денеска на конференцијата најави дека покрај стандардните проекти што МНР ги поддржува како културни катчиња, програмите за изучување македонскиот јазик онлајн или преку настава и афирмацијата на лекторатите по македонски јазик, новина ќе биде и можноста за стажирање на Македонци кои живеат во соседството или во дијаспората. Целта е рече, тие одреден период да поминат во македонски институции како МНР или други институии зависно од струката која ја имаат за создавање дополнителни врски. Годинава, најави Попоски во Охрид ќе се одржи и најголемиот летен камп за деца на иселеници. 

24.07.2014 - 12:06
Фото: 
МИА
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега