Да не се шпекулира со безбедноста на храната
Да не се создава непотребна паника кај граѓаните и да не се шпекулира кои производи се безбедни, а кои не, додека траат вонредните инспекциски контроли во операторите со храна. Ова е апелот од Агенцијата за храна, откако листеријата ја зеде и четвртата жртва, а истовремено во медимумите се појавија информации дека бактеријата ја има во некои оператори со храна, пишува Лидер.
-Контролите се вршат во стотина оператори со храна, производители и преработувачи на месо и млеко, и на зелените пазари.
Во моментот земени се повеќе од 200 мостри и се спроведени сеопфатни контроли во објектите. Финалните резултати, а не шпекулациите ќе дадат одговор на прашањето кој е изворот на заразата. Причината поради која во првиот круг на контроли се опфатени домашните производители на месни и млечни производи, се заснова на епидемиолошките испитувања спроведени од здравствените власти, при што како потенцијални, но не и дефинитивно потврдени извори се посочени одредени производи од домашно потекло“ вели за Лидер Дејан Рунтевски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Има редовни контроли за оваа бактерија
-Контроли за испитување на евентуално присуство на оваа бактерија кај домашното производство се вршат во рамки на годишната Програма за мониторинг на безбедноста на храната која се спроведува и оваа година. Минатата година, од страна на инспекторите земени се стотина мостри од прометот од производи од домашно производство. Резултатите кај сите мостри биле негативни, односно во ниту еден испитан примерок не е констатирано присуство на оваа бактерија.Во рамки на задолжителните контроли при увоз, минатата година земени биле 4 илјади мостри за лабораториско испитување при што ниту во еден примерок не е утврдено присуство на бактеријата листерија, истакна Рунтевски.
Никаде во светот не постои контрола на 100% од храната во секој момент
“Наша приоритетна задача е безбедна храна. За тоа години наназад се превземаат разни мерки и активности кои вродија со плод . Се контролираат сите и домашни и производи од увоз. Меѓутоа, мораме да бидеме свесни дека одвреме-навреме ќе се појавуваат проблеми, бидејќи контрола на 100% од храната во секој момент, не постои никаде во светот и никој не може тоа да го контролира во таков обем. Затоа службите се тука за да превенираат да не доаѓа до вакви случувања, а доколку нешто вакво се случи, тогаш да се извлече поука, да се адаптира системот на безбедност на храна за да се спречат ваквите работи, вели Рунтевски.
Во летниот период се зголемува опасноста од консумирање небезбедна храна. Затоа апелите и од докторите и од Агенцијата за храна се, граѓаните да бидат внимателни при изборот на храна во услови кога има високи температури.
Млечни производи, млеко, јајца, производи од јајца – ризична категорија
Токму како резултат на високите температури, Агенцијата за храна спроведе контроли во операторите со храна во туристичките места. Од таму велат дека направени се 145 контроли во Охрид, Струга и Дојран и тоа во ресторани, хотели и продавници. Запленети се и уништени производи кои се утврдило дека не ги исполуваат условите на безбедност, времено се затворени неколку објекти и се изречени парични казни.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа