Надлежните на терен веднаш по невремето во Ресен - Владата најави помош
Заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски, вчера го посети Ресен веднаш по невремето кое го зафати овој град. Костадиновски заедно со градоначалникот Ѓоко Стрезовски ги скенираа последиците од невремето.
Ова невреме уште еднаш го отвори прашањето за осигурување на јаболковите насади, поточно поволностите што ги нуди Владата, а не се користат доволно. Заменик министерот, Ванчо Костадиновски, при вчерашната посета на погодените реони, посочи дека Владата ќе ги разгледа можностите да им се помогне на оштетените овоштари.
- Како заменик министер дојдов тука да ја согледаме состојбата. Мoже да се види дека градот ги уништил посевите, родот што е на садниците и младите садници. Огромна е штетата. Заклучивме дека треба да се реагира со детална и темелна анализа за висината на штетата што е направена. Треба да се формира комисија од стручни лица коишто ќе излезат на терен и кои детално треба да ја утврдат висината на штетата, нагласи заменик министерот за земјоделие, Ванчо Костадиновски.
-Овогодишниот јаболков род во голема мера, речиси целосно е уништен, рече градоначалникот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.
По увидoт, Костадиновски и Стрезовски сретнаа со земјоделците чии површини беа зафатени од невремето.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа