Заврши „Пивофест“ - организаторите задоволни

 

Пивофест“ во Прилеп заврши во раните утрински часови, а организаторите денеска изразија задоволство од целата организација и посетеноста.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески на прес-конференција истакна дека фестивалот бил одлично организиран и имало гости од земјата и странство.

- Овој 12-ти „Пивофест“ е досега најдобро организиран и најпосетен. Изразувам благодарност до сите институции кои се погрижија четирите фестивалски дена да помине се во најдобар ред. За ова заслужни се комуналните служби кои ја одржуваа чистотата, полицијата и противпожарните единници кои се грижеа за безбедноста, како и инспекциските служби и службите при локалната самоуправа кои го понесоа најголемиот товар. Благодарност и до гостите што ја посетија манифестацијата и до прилепчани кои уште еднаш покажаа дека се гостољубиви, рече Ристески.

Според него, само синоќа имало околу 100.000 посетители. На „Пивофест“ имаше гости од целата држава, од Балканот и од светот. Задоволство беше да се видат Кинези како играат македонско оро. Тука беа нашинците од прекуокеанските земји кои својот одмор го врзуваа токму кога се одржува Пивофест.

Фестивалот функционира со вообичаен буџет од 150.000 евра. Седумдесет проценти од средствата ги покриваат пиварниците - учесници и стопанските субјекти.

- Факт е дека економијата во овој летен период живнува со фестивалот. Огромна посетеност имаше сите фестивалски вечери, а гостите ги разгледуваа и културните знаменитости, подвлече Ристески.

- Со гордост, „Пивофест“ се носи со реномираните светски фестивали во Германија, Чешка, Полска, Холандија. На светската мапа е на ваква туристичка атракција, а Прилеп е потврден како фестивалски град. Покрај „Пивофест“, веќе во август ќе го имаме џез фестивалот, карневалот, културните летни манифестации кои го привлекуваат вниманието на посетителите, рече Ристески.

За водителот и учесник на фестивалот Игор Џамбазов, кој прв пат е во двете улоги, „Пивофест“ е настан за респект.

- На фестивалот, како што беше се добро организирано сите четири дена, всушност и не му треба водител. Во секој случај голем одек имаше и мојот настап со бендот, рече Џамбазов.

 

21.07.2014 - 15:07
Фото: 
Сител
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега