Македонски артефакти на изложба во Германија
Меѓународната изложба „Златните лица на македонските кралеви-Македонците и Келтите од Охридскиот регион“, дел од проектот на Европската унија „Судир на културите“, координиран од универзитетот од Приморска, в среда ќе биде отворена во Келтско-римскиот музеј во Манхинг, Германија.
Ова на денешната прес-конференција го најавија министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска: - Поставката составена од 62 вредни артефакти кои потекнуваат од 5 до 3 век пр.н.е. и кои се пронајдени на територијата на нашата земја за време на археолошките истражувања, е потврда за моќта на македонската аристократија, како и за контактите меѓу предисторискиот Централно-европски келтски свет и Медитеранската култура на империјална Македонија во период меѓу VI и II век пр.н.е., потенцира министерката за култура.
- Златната маска и ракавица, златен накит, монетите, медалјоните стари 25 века, познатата фигурина на Изида од алабастер, садови од керамика, белегзии, оружје, келтски шлемови, но, и другите предмети сликовито ја раскажуваат приказната за Македонија, која е неизоставен дел од мозаикот на европската цивилизација и култура. Артефактите се доказ за нашиот културно-историски идентитет, тие ја претставуваат материјалната вистина за развојот на цивилизацијата на македонското тло, посочи Канческа-Милевска.
Директорите на Управата за заштита на културното наследство и на Археолошкиот музеј Виктор Лилчиќ и Весела Честоева велат дека време е Македонија да се појави пред светот со ова огромно културно и пребогато наследство.
- Во Манхинг се појавуваме со три блока предмети, кои потекнуваат главно од градот Лихнид на Охридското Езеро. Тука е златниот трезор од Тревник, во близина на Неготино и предметите на Келтите кои своите животи ги положиле за одбрана на граѓаните на Лихнид, рече Лилчиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа