„Етнос“: Нимиц во посета на Атина и Скопје?
Медијаторот Метју Нимиц до крајот на месецов, најверојатно, ќе одржи уште еден круг разговори за името во Атина и Скопје, пишува грчкиот весник „Етнос“.
Весникот во овој контекст потсетува на коментарот на македонскиот премиер Никола Груевски, кога осврнувајќи се на изјавата на Меркел потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во какви било иницијативи и идеи во кои ќе се оспори или доведе во прашање идентитетот на македонскиот народ, македонскиот јазик и нација, пренесе МИА.
„Сепак до крајот на месецов, најверојатно, ќе се одржи уште еден круг разговори во Атина и Скопје, но според климата што ја емитува Груевски, нема многу простор за оптимизам“, коментира „Етнос“.
Обвинувањата упатени на адреса на македонските власти, се секојдневие во грчките медиуми. Кога Самарас пред извесно време рече дека „македонскиот јазик не постои“, предизвика нескриено воодушевување кај грчките новинари, кои и покрај се, како и грчките власти, тврдат дека Атина „прави се што може со цел спорот да се реши“ и е „конструктивната страна“. Од друга страна, секоја изјава која доаѓа од македонска страна се коментира како провокација и „доказ дека македонската страна не сака компромис“.
Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц, последен пат ги посети Атина и Скопје во септември минатата година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа