Скопјанец загина во сообраќајка - неговите бубрези спасија двајца браќа

 

Не ја преживеа тешката сообраќајка, но им подари живот на двајца браќа од Скопје.   33 годишниот скопјанец во неделата починал на КАРИЛ.  Имал мозочна смрт, а органите му биле здрави. Семејството иако скршено од тага и болка одлучило да се донираат неговите  бубрези. Најмногу одговарале на младите браќа на 27 и 29 годишна возраст од Скопје. И на двајцата овие бубрезите не им функционирале. Животот им зависел од апаратите за дијализа.  Најтешко било како на најблиските на починатиот да им се соопшти  трагичната вест, пишува Сител.

- Имав можеби еден од потешките денови во мојот живот кога буквално целото семејство беше тука и во разговор со нив успеавме да најдеме начин и да се разбереме дека преку бубрезите на починатиот продолжуваат да живеат други двајца во многу поквалитетен начин на живот. Начинот на кој психолошки треба да се пријде и да се изберат вистинските зборови е многу важен. Секој погрешен збор носи погрешна одлука и размислување и комплетна промена во најтешкиот миг за едно семејство, рече д-р Аспазија Софијанова,национален координатор за трансплантација

Двете трансплантации во понеделникот успешно биле извршени на Клиниката за Урологија. Иако е период на годишни одмори тимот се собрал за кратко време. Операциите почнале во 15 часот, а целата постапка завршила на полноќ. Браќата одлично ги прифатиле бубрезите.

- Уште за време на операцијата почнаа да мократ бубрезите. Пациентите се во одлична здравствена состојба. Тоа се млади луѓе и за некој ден ќе ги пуштиме дома,д-р Михаил Пенев, директор на Клиниката за Урологија.

Браќата  биле одбрани за трансплантација бидејќи имале иста крвна група со дарителот на органите.

- Крвната група и ХЛ совпаѓањето се двете први работи кои се битни и потоа од нив се издвојуваат неколку кандидати за трансплантација, добро е да бидат четири. Кога ќе бидат повикани на преглед, посочи тој, се утврдува кој е физички најподготвен да го прими бубрегот и трансплантацијата да заврши успешно и да не се случи нешто поради болест на некој друг орган во организмот што може да ја загрози трансплантацијата, рече проф.д-р Александар Шиколе, директор на Клиниката за Нефрологија.

Со овие две пресадувања, бубрег од починат донор годинава добија 6 бубрежно болни. Моментално на листата за трансплантација орган чекаат 250 пациенти.

17.07.2014 - 23:14
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега