И СДСМ му го врти грбот на Шиповиќ - партијата преку оглас бара негов наследник
И Социјалдемократите му го вртат грбот на претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шипович, пишува Утрински весник. Партијата веќе објави оглас преку кој бара заменик за Шиповиќ на местото претседател на општинската организација на СДСМ во Центар.
„Актуелното раководството на СДСМ, кое застана зад Шиповиќ додека беше во притвор за случајот „Машинопромет“, набргу по неговото пуштање да се брани од слобода распишува оглас за избор на нов претседател на општинската организација на партијата. Оваа функција Шиповиќ ја извршуваше во последните пет години, односно од 2009 година - по враќањето на Бранко Црвенковски на чело на СДСМ.
Огласот е објавен во саботата, а вчера беше последниот ден за пријавување на заинтересираните кандидати. Шиповиќ ни изјави вчера дека не се јавил на огласот, ама не сакаше да ги коментира причините за неговата смена. На прашањето дали по заминувањето од партиската функција планира да поднесе оставка и од функцијата во Општина Центар, Шиповиќ само кратко одговори дека е изморен од се'.
Новиот Статут на СДСМ, донесен веднаш по смената на партиското кормило минатата година, односно по доаѓањето на Зоран Заев на чело на партијата, предвидува претседателите на општинските организации на партијата да ги назначува директно партискиот лидер, наспроти претходната постапка, според која локалните претседатели се избираа на општински изборни конференции. Според тоа, од Заев зависи кој ќе биде на чело на општинската организација на СДСМ. Има неофицијални информации дека ова место од порано му било понудено на Саша Богдановиќ, кој е директор на паркинзите во Центар“ - пишува Утрински.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа