Еве зошто се скарале Жерновски и Шиповиќ

 

Дали она што досега беше јавна тајна и вешто се криеше од пошироката јавност, а тоа се информациите за голем раскол во опозициските редови во општината Центар, почна да излегува на виделина? Се погласни и појавни се информациите дека постои сериозно незадоволство, дури во форма на раскол помеѓу опозицијата во општина Центар, раскол кој кулиминирал деновиве и кој е длабок и оди по две линии, пишува Република

Главната поделба, или првата линија на расколот, е помеѓу дел од раководството и членството на СДСМ во Центар предводено од Мирослав Шиповиќ од една страна и членството и раководството на ЛДП предводени од градоначалникот на Центар Андреј Жерновски од друга страна.

Делот од СДСМ-Центар предводен од Шиповиќ покажувал сериозни знаци на незадоволство, мотивирано пред се од игнорантскиот однос кој го покажувал Жерновски кон нивните потреби и претходните договори. Сдсмовците му забележувале на Жерновски дека  не реализирал ниту 20 проценти од предизборниот договор, во кој било предвидено СДСМ да добие значително овластувања на локално ниво како резултат на големата поддршка која Жерновски ја доби на локалните избори токму од членовите на оваа партија. Според нашите извори од крилото на Шиповиќ, особено потфрлување Жерновски покажал во поглед на реализација на вработувањата во општината и нејзините институции каде што досега според изворите не се вработени ниту 10 члена на СДСМ. Интересите на СДСМ не се почитувале ниту во процесот на управување на општината каде што главен збор имаат една поранешна новинарка од А1 и еден поранешен снимател од Телма телевизија кои биле главни кадровици во општината и алфа и омега во нејзиното управување. Не помалку болно за сдсмовците било и однесувањето на Жерновски во поглед на реализацијата на јавните набавки и тендерите кои ги спроведува општината, а кои според нашите извори оделе во корист на блиски лица на Жерновски. Сдсмовците му префрлале на Жерновски и за влегувањето на Роза Топузова во Собранието, и не биле задоволни од реакцијата на Жерновски на оваа нејзина постапка.

Шиповиќ како главен носител на целокупната изборна и постизборна активност на СДСМ во Центар, се чувствувал изигран од Жерновски, особено затоа што во предизборието презел обврски кон гласачкото тело на СДСМ во Центар и бил главна сила на изборната победа на Жерновски, а сега тоа не можел да го испорача кон граѓаните.

Жерновски свесен за овој факт, веќе почнал со играта на обвинувања во која сака да  претстави дека Шиповиќ, а не тој лично, е виновникот за расколот. Преку еден медиум кој важи за близок на опозицијата и на Жерновски, лиферува текст во кој создава подлога за обвинувања кон Шиповиќ, претставувајќи наводно дека Шиповиќ бил под притисок и затоа се однесувал непредвидливо. На тој начин Жерновски сака да ги поттурне под тепих валканите работи во Центар кои ги предизвикал лично тој.

Следува реакција од Шиповиќ, кој индиректно потврдува дека има конфликт.

-И јас го слушам истото. И дека ме купиле со т.н. слобода и дека сум се испазарил, дека ќе дадам оставка, ќе гласам против предлозите на Жерновски. Што да ви кажам, изморен сум од се’. Ако функционирав порано по 24 часа, сега сум активен едвај по три часа. Истрошен сум и физички и психички. Сите опции се во игра- изјавил Шиповиќ.

По оваа изјава следува итна прес конференција на Жерновски, на која на нарачано прашање за однесувањето на Шиповиќ, Жерновски лаконски одговара дека во петок ќе се знае се, на тој начин продолжувајќи со играта на обвинувања и насочувањето на вниманието кон Шиповиќ, а не кон основата на поделбата во опозицијата во Центар, која е резултат на нереализираните обврски за вработувања и тендери, велат нашите извори.

Покрај медиумската харанга за жигосување на Шиповиќ која ја започнува Жерновски, центарскиот градоначалник се обидел да дејствува и на терен, при што се обидел и успеал да придобие и дел од раководството на СДСМ во Центар. Но според нашите извори, луѓето кои ги придобил Жерновски се многу малку а огромното мнозинство на членови на СДСМ во Центар остануваат лојални на Шиповиќ. На овој начин само расколот во опозицијата добил и нова димензија, овојпат помеѓу самите сдсмовци во Центар, што уште повеќе го продлабочува јазот.

Останува нејасно како во целата ситуација ќе изигра раководството на СДСМ. Заев и Шеќеринска биле во тешка дилема на кого да ја дадат својата поддршка и на чија страна да застанат.

16.07.2014 - 22:10
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега