Груевски: Извонреден период за еврообврзница
Премиерот Никола Груевски смета дека според условите на финансискиот пазар ова е извонреден период за повлекување еврообврзница и оти ќе се постигне историски најниска камата.
- Проценка е дека ова е извонреден период според условите на финансискиот пазар за повлекување еврообврзница којашто во најголем дел ќе се искористи за рефинансирање, односно за враќање на поранешен долг. Се надевам дека Ставрески и Богов ќе имаат успех во изнаоѓање услови со коишто ќе се постигне најниска камата на евро обврзница, изјави Груевски, по пуштањето во употреба на новата автономна трансформаторска станица и реновираниот далекувод Скопје-Куманово во трафостаницата Скопје 5 на АД МЕПСО.
Груевски смета дека ќе се постигне историски најниската камата за евро обврзницата на пазарот, поради што се одлучиле токму сега за нејзино издавање.
- Во овој момент не ни е нужно да издадеме еврообврзница зaшто рефинансирањето треба да го направиме на почетокот на следната година, но ценејќи дека условите на пазарот сега споредено со минатите години се идеални, а не можеме да бидеме сигурни дека во иднина ќе бидат подобри, проценивме дека сега е вистинскиот момент да се повлече овој чекор и да се добие финансирање под најдобри можни услови односно главно рефинансирање на претходен долг, изјави Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа