Ахмети на средба со Нуланд и Волерс: САД да се ангажира за влез на Македонија во НАТО

 

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, синоќа во просториите на американската Амбасада во Скопје оствари средба со помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд и со американскиот амбасадор, Пол Волерс.

Според информациите од ДУИ, Нуланд и Ахмети разговарале околу политичките случувања во земјата и регионот, како и евроатланската интеграција на Македонија.

-Претседателот Ахмети и се заблагодари на Нуланд за посетата и зборуваше за важноста што Демократската Унија за Интеграција и посветува на стратешката ориентација на Македонија во однос на непосредно вклучување во НАТО и Европската Унија. Претседателот Ахмети истакна дека времето за Македонија да влезе во НАТО и да ги започне преговорите со Европската Унија е сега. Затоа побара поголемо и директно ангажирање на Вашингтон за да се олесни постигнувањето на компромис со јужниот сосед, Грција, бидејќи страните се блиску до решение и пронаоѓање компромис, но потребно е меѓународно посредување за страните да седат на заедничка маса, стои во соопштението од ДУИ.

Зачленувањето на Македонија во НАТО, истакнал лидерот на ДУИ, е од интерес не само на земјата и сојузниците, туку на целиот регион и што порано да се случи ова, толку побрзо ќе се релаксираат меѓуетничките и меѓусоседските односи како и ќе се отвораат нови економски перспективи за регионот.

-Демократската Унија за Интеграција останува целосно посветена да го продолжи блиското партнерство со Соединетите Американски Држави, кон постигнување на заедничката цел која обезбедува мир, стабилност, безбедност, посочил Ахмети.

Нуланд ја нагласила поддршката на Соединетите Американски Држави за Евроатлантската иднина на Македонија и регионот исто така ја нагласи подготвеноста на официјален Вашингтон да му се помогне на овој процес кон реализација.

Ахмети го покренал прашањето на случајот Монструм при што го нагласи барањето на ДУИ за мониторинг од САД, како и целосна транспарентност на процесот.

 

 

15.07.2014 - 09:16
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега