Иванов на лидерски состанок во Дубровник

 

МАкедонскиот претседател Ѓорге Иванов  денеска во Дубровник ќе учествува на состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот“, неформална иницијатива за соработка меѓу земјите од регионот во контекст на аспирациите за членство во евро-атлантските организации.

На состанокот ќе учествуваат претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Србија Томислав Николиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Косово Артифе Јахјага, како и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, Небојша Радмановиќ и Бакир Изетбеговиќ. 

На лидерскиот состанок треба да присуствува германската канцеларка Ангела Меркел, како и на францускиот државен секретар за европски прашања Арлем Дезир и европскиот комесар за енергетика Гинтер Етингер.

На средбата ќе се дискутира за политичката состојба и односите во регионот, продолжувањето на политиката за проширување на ЕУ, клучните инфраструктурни проекти во овој дел на Европа (завршувањето на Јадранско-јонската магистрала, железничкиот коридор) и енергетската политика.

Состанокот во Дубровник е продолжение на стратешкиот дијалог на лидерите од Југоисточна Европа, кој во овој формат почна во Загреб на 1 јули 2013 година, а продолжи со состанокот на лидерите од „Брдо-Бриони процесот“ со францускиот претседател Франсоа Оланд на 25 јули 2013 година во Брдо кај Крањ.

Иницијативата за одржување на неформалната средба на лидерите на Западен Балкан и ЕУ заеднички ја започнаа претседателите на Хрватска и на Словенија, Иво Јосиповиќ и Борут Пахор, со желба, како што е тогаш соопштено, да бидат промотери на натамошното проширување на ЕУ и добрососедските односи во регионот.

Претседателот Ѓорге Иванов вчера во Цавтат имаше свое обраќање пред учесниците на бизнис собирот „Самит 100- Договор за новото време“. 

15.07.2014 - 08:42
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега