ВМРО-ДПМНЕ: Довербата од граѓаните ја добивме заради реалната и остварлива програма

 

ВМРО-ДПМНЕ во текот на вчерашниот ден одржа редовна седница на Централниот комитет на партијата. На дневен ред беше разгледувањето на актуелната политичка и економска состојба, извештајот на републичкиот изборен штаб за резултатите и превземените активности на парламентарните избори и извештаите за степенот на реализација на програмите и проектите на избраните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

-Извештајот на републичкиот изборен штаб за резултатите и превземените активности на парламентарните избори беше изготвен после долга и опсежна повеќемесечна анализа која опфати различни методологии и аспекти на сите активности на партијата, како во изборниот, така и во предизборниот период на функционирање. Посебно значење во извештајот му беше дадено на пронаоѓањето на слабостите во функционирањето на партијата и на функционерите предложени од партијата. Целта на извештајот е во секој аспект да се подобри функционирањето на ВМРО-ДПМНЕ и уште повеќе да се доближи до граѓаните и нивните реални потреби и интереси, соопштуваат денеска од партијата.

Во подготовката на извештајот, велат оттаму, беа земени предвид анализите на партиските органи и тела, но приоритет им беше даден на податоците добиени со широко истражување помеѓу граѓаните и помеѓу членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

-На седницата на Централниот комитет беше констатирано дека довербата од граѓаните е добиена заради реалната и остварлива програма и конкретните проекти во неа, кредибилитетот на досега дадените, но и реализирани ветувања, проекти и мерки, позитивната кампања насочена кон потребите на граѓаните и степенот на вложена енергија и труд во работата на партијата, пишува во соопштението.

Сепак, се додава во сооопштението, беше констатирано дека има уште доста простор во многу различни полиња уште повеќе да се подобрува работата на партијата и работата на лицата избрани по предлог на партијата на различни нивоа на управувањето, со што партијата, како што велат уште повеќе би се приближила кон своите цели, приоритети и позиции, врз основа на своите вредност на непосредност, отвореност и блискост со граѓаните.

-На седницата на Централниот комитет беа разгледани извештаите за степенот на реализација на програмите и проектите на избраните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Извештаите беа многу опширни и детални за реализација на програмата во секоја општина поодделно, но и за степенот на реализација на секој поединечен проект или мерка кој им бил ветен на граѓаните од наша страна, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

ПАртијата констатирала и зголемена ефикасност и подобрување на стандардот на работа на градоначалниците избрани по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

Централниот комитет со посебен интерес ги разгледуваше точките за работа на поединечните општини, при што се утврдија прецизни детали за дополнително зголемување на ефикасноста онаму каде што е потребно и за надминување на предизвиците со цел спроведување на сите ветени проекти. Беше укажано на потребата од континуирана блискост со граѓаните, непосредност, адресирање на нивните потреби и продолжување со реализација на ветените проекти преку многу труд и работа низ целиот мандат, како што впрочем е стил на работа на ВМРО-ДПМНЕ.

Темпото на реализација е засега задоволително, а онаму каде има застој потребно е континуирано зголемување на ефикасноста преку организациско и кадровско подобрување.

ВМРО-ДПМНЕ врз основа на анализите на изборните резултати, како и врз основа на извештаите за степенот на реализација на програмите од локалните избори, направени преку сеопфатни и длабински анализи, продолжува одговорно да се поставува кон пораките на граѓаните и кон сопствените превземени обврски во изборните програми и во начинот на однесување.

 

13.07.2014 - 12:15
Фото: 
НоваТв
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега