Груевски: Насилните протести не се во интерес на Албанците - тие се агенда на верски радикали

 

Зад насилното однесување на протестите за пресудите во случајот „Монструм“ стојат луѓе задоени со верски радикализам, истакна премиерот Никола Груевски во денешното интервју за втората програма на МТВ. 

- Во делот на насилното однесување нашите информации говорат дека зад нив стојат луѓе коишто имаат други агенди, луѓе кои што се задоени со верски радикализам и треба да се внимава на тоа. Не беше случајно што видовме знамиња на некои подалечни држави, извикувања на некои пароли кои директно асоцираат на тоа, рече Груевски. 

Според него, треба да се внимава бидејќи некои луѓе го користат етничкиот предзнак на Албанците за остварување на други свои цели кои што не се цели за да им се помогне на Албанците, туку, како што рече, се цели поврзани со туѓи интереси кои не се интереси на Албанците во Македонија.

- И морам да кажам мошне вешто го прават тоа. Успеја да убедат една поголема група граѓани Албанци коишто им се придружија во протестите, веројатно не со сомнеж кај поголемиот дел од Албанците во Македонија во смисла на овој судски процес, сомнеж дека тоа е политичка одлука, сомнеж дека зад тоа стои ВМРО-ДПМНЕ, сомнеж дека зад тоа стојат дури јас како Никола Груевски. Знаете што. Да направиш чекор со којшто некого ќе го осудиш цел живот да лежи во затвор, а да е невин или да нема докази за тоа. Тоа е голем грев. Тоа не смее да му се случи никому и  јас не би си го дозволил никогаш мене да ми се случи, независно дали се работи за Албанци, Македонци, за Турци, за било кои други народи, луѓе, религии итн, посочи премиерот Груевски.

Премиерот додаде дека се чуствува заслужен за многу работи со кои е придонесено за подобар живот на Албанците во Македонија.

- Јас се чуствувам за заслужен заедно со моите колеги во Владата, со коалицискиот партнер, но на чело со мене и под силна моја енергија и упорност за изградба на многу патишта, за отворање многу нови работни места и донесени инвеститори, за давање многу субвенции на земјдоелците се разбира и на земјоделците Албанци. Тоа се патишта низ коишто  Македонците, Албанците и Турците и Ромите и Власите и Бошњаците и Србите и сите останати минуваат. Се чувствувам заслужен за многу работи во здравството, за многу изградени и реновирани болници, за многу донесени опрема и апарати за болните каде што не се прави разлика дали е Албанец или Македонец. Се чуствувам заслужен за многу реформи во образованието што го подобрија квалитетот на образованеито, рече Груевски.

Се чувствувам заслужен, рече тој во интервјуто, за многу работи кои ги правев целиот овој период што е зад нас да помогнам на сите граѓани во Македонија независно дали се Македонци или се Албанци или се Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци или кои било други или се христијани или муслимани.

- За мене сите се исти. Сите сме граѓани на Македонија. Сме живееле низ векови заедно, сме поминувале низ потешки периоди и низ полесни и поубави периоди и низ лошо и добро. И ќе останеме да живееме заедно. Тоа е нашата судбина. Тоа е нашата иднина, рече Груевски во интервјуто за МТВ.

10.07.2014 - 22:28
Фото: 
Курир
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа