Тројца амбасадори дадоа отчети за минатите мандати
Отчет пред Комисијата за надворешна политика денеска дадоа поранешните амбасадори во Албанија Веле Трпевски, во Косово Стојан Карајанов и во Унгарија Дарко Ангелов. Поранешниот македонски амбасадор во Холандија Никола Димитров, кој веќе не работи во Министерството за надворешни работи, не присуствуваше на седницата, иако отчетот за работењето беше на дневен ред.
Претседателот на Комисијата Антонио Милошоски рече дека Димитров бил на службено патување и не можел да присуствува на седницата, лично стои на располагање, но побарал извештајот да биде усвоен.
Веле Трпевски поранешен амбасадор во Албанија и актуелен во Камбера, Австрија, реферираше дека во неговиот мандат се зголемила трговската размена, бил отворен новиот граничен премин Џепиште-Требиште и оти двострано биле признати возачките дозволи, а границата може да се помине само со биометриски лични карти.
- Република Македонија има значајно место во надворешната политика на Република Албанија. Позитивен е трендот во развојот на односите помеѓу двете држави. Направен е позитивен исчекор на наша страна во трговската размена, рече Трпевски.
Добиваме поддршка од официјална Тирана за влезот во НАТО, додаде тој, а ние им нудиме искуство за интеграција во ЕУ. Иако, Албанија не нема признато под уставното име во билатералната комуникација го користи името Република Македонија.
Трпевски ги информираше пратениците дека за време на неговиот мандат почнал да се изучува македонскиот јазик во области каде што живее македонско национално малцинство во Албанија, дека се формирале повеќе здруженија на Македонците.
- На сите начини се обидувавме да ги унапредиме правата на Македонците во Албанија. Се согласувам со коментарите на пратениците дека ние сме пример за почитување на човековите права на малцинствата, изјави Трпевски.
Во однос на прашањето за инфрструктурното поврзување, поранешниот амбасадор во Тирана рече дека се разгледани сите можности за изградба на пругата од Кичево до албанскиот град Лин и за поврзување со Коридорот 8 дотолку повеќе што за нас е многу значајно пристаништето во Драч.
Претседателот на Комисијата Милошоски истакна дека македонско - албанските односи се во нагорна линија во секоја област и се согласи со констатациите дека Македонија може да биде пример за тоа како се унапредуваат човечките права на припадниците на етничките заедници, искажувајќи надеж дека во иднина тоа ќе биде случај и во нашите соседни држави.
Амбасадорот Стојан Карајанов, кој во моментов е прв човек во Амбасадата во Тирана, за својот мандат во Приштина наведе дека бил реализиран во период многу специфичен за оваа соседна држава, за време на самопрогласување на независноста и признавањето. Истакна дека во еден момент Македонија извезувала производи и стоки во вредност од 460 милиони долари во Косово. На забелешка на пратениците дека трговската размена меѓу двете земји е намалена и што би требало да се направи за нејзино подобрување, Карајанов истакна дека потребен е поагресивен настап на македонските компании на косовскиот пазар. Позитивно го оцени планот за изградба на патот Приштина-Скопје којшто од Приштина до границата изнесува 58 километри, а од гранциата до Скопје 23 километри. Ова за нас, како што рече, би било индиректно поврзување со Албанија и со Коридорот 8.
Во однос на припадниците на македонската етничка заедница во Албанија рече дека постоело опасност со новата територијална поделба да биде укината македонската општина Пустец, но оти тоа било надминато и оваа општина со доминатно македонско население останува во истите рамки. Исто така, потсети дека во извештаите за напредокот Албанија има добиено препорака дека мора да ги почитува и да ги спроведе правата на припадниците на заедниците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа